На југоистокот на Литванија, во градот Тракај, познат по истоимениот замок од 14 век, во поткровје на зградата проектиран е ентериер за млад брачен пар, потпишан од архитектонското биро Rimartus. Овој простор е со површина од 102 квадратни метри, а фокусот на архитектите бил функционалното и универзално формирање на простор со нагласок на индустриски дизајн и романтична атмосфера.
Целиот простор е редизајниран и зрачи со црно-бела палета на бои, додека потоплите нијанси се воведуваат како романтичен допир со акценти, како мебел, осветлување или греди на кровот. Поголемиот дел од слободниот простор архитектите го оставиле за идните потреби и самореализација на домаќините.
Она што било најголем предизвик е формирањето на сите функционални простории за живот, а во исто време станот да дише низ отворен концепт, бидејќи целиот простор се наоѓа во поткровје. Во ова, архитектите успеале користејќи ја висината на самото поткровје за дополнителен простор и на тој начин создале стан на две нивоа со посебна спална соба, бања и гардероба до која се пристапува преку галерија.
Минималистички уредената дневна соба има само неколку парчиња мебел. Две фотелји, топло смеѓа боја со дизајн од седумдесеттите, внесуваат топлина во просторот, додека црна, метална клуб маса и висечка расвета го истакнуваат индустрискиот дизајн. Романтичен допир, пак, реализиран е со каминот, кој го комплетира просторот и го прави топло и пријатно место за престој.
Во просторот под галеријата сместени се кујна со трпезарија, со маса во форма на кујнски остров и прилагодливи барски столици.
Во трпезаријата доминираат посветли бои, назначени со бела мермерна плоча во комбинација со дрво во антрацит сива боја. За кујнскиот простор, пак, архитектите се одлучиле за инверзија, па така доминантна е црната боја, а светлиот акцент е ставен на работната плоча. Романтичен допир се постигнува со светилки со потопла жолта нијанса, кои се истакнати не само во кујната, туку и низ целиот дом.
Од дневната соба може да се види платформата преку која се пристапува до гардероберот со светларник. За оградата на мезанинот користена е метална мрежа со рамка, што го надополнува индустрискиот стил. Подот на горната платформа е ист како на долното ниво и е целосно изработен од ламинат во сива боја. Гредите на кровот се обновени за да се зајакне конструкцијата и нивната природна боја е задржана за да се додаде топлината на домот. Индустрискиот стил во станот е засилен со старите ѕидови од тули, обоени во бело.
Спалната соба се наоѓа на првото ниво. Заглавието на креветот, како и ноќната масичката покрај него, се пониски, поради падот на кровот, така што просторот визуелно изгледа повисоко. Со геометриската форма на лустерот и детали во форма на црно-бела слика, собата добила уметнички израз.
Од спалната соба се влегува во бањата, додека тоалетот се наоѓа веднаш до неа, а му се пристапува од ходникот. Дизајнот на бањата се надоврзува на ентериерот на целиот стан со топла боја на дрво и бела санитарна опрема и плочки, додека црниот акцент е оставен на гредите, држачите за четки и прекидачите.