Интересен стан од 40 квадратни метри, со минимални вложувања е реновиран и опремен со vintage предмети и мебел од бувљак и интернет аукции. И сето тоа со одлични дизајнесрки решенија на ентериер и ретро стил.
Со идеја мал стан во Москва да го реновираат на начин кој нема да бара големи инвестиции, бирото INT2 Architecture изработиле проект кој комбинира различни стилови, материјали и начини на користење на просторот на оригинален и интересен начин.
Бидејќи станот е првенствено наменет за изнајмување, било потребно да се организира функционален распоред во расположливиот отворен простор, кој ќе ги задоволи потребите на станарите и ќе им обезбеди доволно приватност.
Едностраната ориентација на прозорците ја условила целокупната организација на просторот и неможноста за поставување преградни ѕидови, па така станот од 40 квадратни метри е организиран како отворена гарсоњера, со ентериерски решени микро единици.
На самиот влез, гардеробер од половни метални ормари е неочекуван избор за станбениот простор, навестувајќи индустриски стил во уредувањето на ентериерот. Просторот на влезниот ходник продолжува до зоната на дневната соба со две тапацирани фотелји и ТВ комода.
Одделен со полица за книги како преграда од дневната соба, во продолжение на просторот се наоѓа просторот за спиење. Опремен е со удобен француски кревет и минимум потребни детали.
Грубо малтерисани ѕидови обоени во сиво и бетонски таваница го обединуваат целиот простор,во контраст со светлите бои на текстилот и дрвениот под.
Наспроти делот за спиење, се отвора највпечатливиот дел од станот – просторот за кујна со трпезаријата.
Комбинацијата на различни стилови, различни материјали, стари и нови елементи, направила единствена фузија, елегантно интегрирана во простор кој е удобен за престој и опремен за модерно секојдневие.
Современата бела техника е вградена во доминантнатниот централен кубус направен од дрво, стакло и метал, во која се наоѓа и бањата. Хромирани кујнски елементи, слични на оние што се користат во професионални ресторани, вклопени се со дрвени гајби и жичени елементи за складирање.
Детали како стаклени облоги на ѕидот на кујната, ретро метална расвета, метални полици со модерни кујнски помагала, видливи инсталации, зборуваат за внимателно осмислен дизајн, кој подеднакво ги зема предвид естетските и функционалните компоненти.
Ограничениот буџет за опремување на станот ги навел архитектите да ја надополнат својата визија за ентериерот со парчиња половен мебел и детали кои совршено ќе се вклопат во целината, а кои ги нашле на локалните бувљаци или на интернет, на разни продажни сајтови и аукции.
Во централниот дел на станот сместена е трпезариска маса со метална конструкција и четири различни дрвени столчиња, на сите добро познати како тренд од минатото.
Над масата, на плафон од натур бетон, како карактеристичен акцент на ентериерот, и детал кој ја отсликува целата дизајнерска идеја, вниманието го привлекува ретро кристален лустер.
Уште еден старински елемент, кој ја добил својата нова употребна вредност во овој стан е машината за шиење, популарната сингерица, која е поставена во бањата како постамент за вградениот мијалник.
Концептот на заштеда со комбинирање на стилови, постигнат е и преку завршната обработката на ѕидовите и подовите, постигнати со минимална инвестиција. Груби ѕидни површини, боени без претходно глетување, едноставен дрвен под и видливи електрични инсталации,
Со оригинален дизајнерски пристап, добиено е максимално искористување на просторот и единствен амбиент кој ги зачувува елементите од минатото, без компромиси со комфорот.