Проектот на бирото Clare Cousins Architects во Мелбурн е стан кој имал една спална соба, каде што се вметнати дрвена кутија и меѓукатна платформа за да се создадат три дополнителни места за спиење, без губење на просторот за живеење.
Сопствениците на апартманот, кои го очекувале своето прво дете, побарале од Clare Cousins Architects да го трансформираат нивниот стан од 75 квадратни метри во центарот на Мелбурн во простор кој може да ги задоволи потребите на едно младо семејство.
„Имаа идеја за естетиката што сакаа да се постигне. Ни покажаа фотографии од некои планински куќи и многу примери на јапонски архитекти кои користат мали простори на неконвенционален начин“, велат архитектите за Dezeen и додаваат: „Ова нивно барање и примери нè уверија дека можеме да ги поместиме границите на ‘типичен’ стан и да прикажеме имагинативен дизајнерски одговор“.
Архитектите ја замениле поранешната спална соба во станот со дрвена кутија направена од иверица од боровина – светло обоено австралиско дрво – во која се сместени две помали спални соби, секоја со должина на кревет. Додадле и простор за спиење на гости на полукатот поставен во близина на влезот.
„Со површина од само 25 квадратни метри по лице, проектот ги минимизира местата за спиење на малиот стан и ги максимизира просторите за живеење и социјалниот простор“, велат архитектите.
Родителската спалната соба е малку подигната над подот, а од просторот за живеење е одделена со три лизгачки врати, со тонирани бои кои го надополнуваат дрвото. Скалите што водат до спалната соба исто така служат како дополнително седење во дневната соба.
„Лизгачките паравани се под влијание на јапонските shoji паравани. Спалната соба се поврзува и станува продолжение на просторот за живеење, или може да се затвори заради приватност“, велат проектантите.
Во станот е предвидена и кутија од дрво која е простор за складирање кој е достапен од две страни, и од социјалните простори и од спалните соби, а на спротивниот ѕид се наоѓа компактен работен дел вградена во аголот.
„Во нашата култура која станува се повеќе потрошувачка, има нешто спокојно и утешно во недостатокот на прекумерни ‘работи’“, вели Cousins. „Внимателно обмисленето складирање обезбедува простор за основните работи на секој член на семејството, ја ограничува потрошувачката и дава поголема вредност на предметите со кои семејството избрало да живее“.
Ограничената палета на материјали проектирана е да го подобри чувството за простор во станот и да ги намали трошоците. „Иверицата е прифатлива и лесно достапна, а голем дел од столаријата беше дизајнирана да ја изработи столар, што дополнително ги намалува трошоците“, вели Cousins.
Ефтини материјалите се користени и во бањата, каде што ефтини плочки се поставени во различни големини за да им дадат на ѕидовите и бањата поинтересен изглед. Позлатените чешми го зголемуваат и чувството на луксуз во овој простор.
Станот се наоѓа во зграда која е на списокот на споменици на култура и која датира од 1898 година, првично била проектирана како канцеларии за Британското и странското библиско друштво, а потоа претворена во станови во 1990-тите.
„Чувствителна адаптација на постоечки простори кои се културно наследство за да одговорат на барањата на нивните корисници е од фундаментално значење за одржливиот развој на нашиот центар на градот“, вели Cousins. „Овој проект покажува дека живеењето во центарот на градот со висока густина и модерните, функционални семејни домови не мора меѓусебно да се исклучуваат.“