ОOD е фантастичен префабрикуван објект, кој не ја жртвува приватноста заради добриот поглед на околината. Бидејќи нејзината предна страна е обложена со огледала, оваа компактна куќа од 18 квадратни метри не само што го спречува љубопитниот поглед кон внатрешноста, но, исто така, совршено се вклопува во природата, бидејќи истата се рефлектира на фасадата.
Куќата OOD, која е произведена во Естонија, е развиена првенствено за потребите на хотелскиот пазар, како и за оние што сакаат викендичка на недостапни локации. Поради својата мала површина и многу лесната инсталација, куќата може да се монтира каде било, а во Естонија може да се направи без вадење на градежна дозвола, пишува Inhabitat.
Потпорната конструкција на овој објект е метална, обложена со изо-стакло како и термички обработено дрво, кои заедно обезбедуваат пријатна температура во внатрешноста. Секоја единица може да смести две или три лица, а опремена е со голем кревет, кујна, дневна соба и бања.
Нивото на ЛЕД осветлувањето како и температурата на подното греење се одредуваат автоматски, а на домаќините им е достапна струја, вода, Интернет, канализација и се она на што тие се навикнати во удобните хотели или викендички.
За греење и ладење се грижат топлински пумпи со сепаратор за влага. Идните верзии на овие куќички ќе бидат и енергетски независни, што значи дека не ќе мораат да бидат поврзани на електрична мрежа.
Инсталирањето на куќата OOD трае само осум часа и нејзината цена е 33.000 евра, што не е многу, бидејќи е во прашање целосно опремен дом. За сега се испорачува само во Естонија, но планот на компанијата е брзо да се прошири и на меѓународниот пазар.