Летните олимписки игри во модерната ера која датира од 1896 година кога се одржале во Атина, откажани се само три пати. Игрите во 1916 година во Берлин станале жртва на Првата светска војна, а истото се случило и со игрите планирани за 1940 и 1944 година, кои требало да се одржат во Хелсинки и во Лондон, односно откажани се поради Втората светска војна. Но и минатата година се откажаа Олимписките игри кои требаше да се одржат во Токио, овој пат не поради војна, туку поради невидливиот непријател Ковид-19.
Во услови кога пандемијата која сè уште не е победена, Организацискиот комитет на Олимписките игри во Токио планира да го одржи овој спортски меганастан од 23.7. до 8.8. во еден вид „олимписки балон“. Околу 11.000 спортисти треба, како што е планирано, да прават коронатест секој ден, да се придржуваат на физичка дистанца и што е можно помалку да се движат надвор од спортските терени. Странските гледачи практично веќе се исклучени од игрите, а допрва ќе се одлучува дали некој воопшто ќе смее да биде на трибините.
Пандемијата го заглави светот, Олимпискиот комитет на Јапонија непрекинато повторува дека безбедноста на игрите е загарантирана, а Јапонците се одговорен народ на кој може да му се верува. „Само благодарение на способностите на јапонскиот народ да ги надмине пречките, можно е да се одржат Олимписки игри во вакви тешки околности. Духот на истрајност е олимписки дух“, велат од Меѓународниот олимписки комитет. Но, дали е тоа доволно да разуверат многу скептици и во самата Јапонија?
За Јапонците се подразбира дека се подготвени на време, а спремни се и сега во овие неблагодарни околности и тоа како и секогаш, пред време.
Со приближувањето на презакажаните Олимписки игри, до кои остана помалку од еден месец, сè повеќе доаѓа и наплив на возбуда и исчекување. На 23 јули во центарот на вниманието ќе биде Олимпискиот стадион во Токио, каде што ќе се одржи церемонијата на свеченото отворање, а две недели подоцна и затворање на игрите. Една недела по отворањето најдобрите светски атлетичари и атлетичарки ќе пристигнат на реновираното место на Олимписките игри од 1964 година и спектаклот на кралицата на спортовите ќе може да почне на обновениот стадион.
Пред повеќе од половина век, кога Токио последен пат беше домаќин на Олимписките игри, стадионот беше местото каде Peter Snell од Нов Зеланд ја искина патеката за да го постигне својот најголем резултат на 800 и 1.500 метри, Тамара Прес од Советскиот Сојуз освои две златни медали во фрлање ѓуле и диск, Британката Ann Packer направи изненадување и освои злато на 800 метри со светски рекорд, а Bob Hayes од САД го изедначи светскиот рекорд и победи на 100 метри. Па така ова лето ќе продолжи историјата на овој стадион.
„Со нетрпение очекуваме и се радуваме да ги видиме спортистите од целиот свет како маршираат на новиот стадион на свеченото отворање, кога погледите на светот ќе бидат свртени кон овој иконичен симбол на игрите во Токио 2021 година“, изјави извршниот директор на Токио 2021, Toshiro Muto по завршувањето на изградбата на стадионот, која траеше 36 месеци, а стадионот чинеше 1,4 милијарди американски долари.
Kokuritsu kyōgijō
Националниот стадион, или „Kokuritsu kyōgijō“, кој ќе се користи за атлетика и фудбал, официјално беше завршен во ноември 2019 година. Уривањето на стадионот на Олимписките игри од 1964 година започна во 2015 година за да се направи место за стадион со 68.000 седишта, а притоа се има на ум одржливоста на објектот.
Новиот олимписки стадион во Токио е проект на јапонскиот архитект, големиот Кенго Кума. Изгледот на стадионот – „живо дрво“ – потсетува на традиционалната јапонска архитектура на храмови со дрвена фасада и зеленило, кој се претопува со блиската област Meiji Jingu Gaien. Повеќеслојната настрешница на стадионот е направена од дрво собрано од 47 јапонски префектури, додека повеќе од 47.000 дрвја се засадени во кругот на стадионот.
Внатре, 185 вентилатори кои создаваат проток на воздух и системи за ладење ќе создадат попријатни услови за натпреварување, а трибините на гледалиштето, во земјени и зелени тонови, имитираат филтрирање сончева светлина низ дрвјата или во овој случај покрив.
Проектот на Заха Хадид по остри критики се откажа
Кога Токио беше одбран за град домаќин на Олимпијадата, се одржа во 2012 година меѓународен архитектонски конкурс за националниот стадион на кој победи Заха Хадид. Стадионот на Заха требаше да слета во токискиот парк Meiji како меѓугалактичка велосипедска кацига, издигната над ниското опкружување во футуристички бели лакови. Проектот наиде на остри критики во јавноста, пред сè од јапонските архитекти, предводени од лауреатите на Прицкер, Тојо Ито и Фумихико Маки.
Со трошоци кои ескалираа речиси двојно повеќе од предвидениот буџет и правејќи го најскап стадион на модерното време, овој проект Јапонската влада го укина.
За многумина, откажувањето на проектот е задоцнето речиси две години. Уште од неговото претставување во 2013 година, проектот се соочуваше со жестоки критики од сите страни, што укажува дека беше осуден на пропаст уште од самиот почеток.
Стадионот на Заха Хадид
Најистакнатите јапонски архитекти организираа симпозиуми против проектот, што резултираше со петиција со која се повикува на запирање на проектот, опишувајќи го како „монструозност целосно надвор од димензиите на опкружувањето“. Архитектите го истакнуваа фактот дека стадионот се наоѓа во историски дел со ограничување на висината на објектите од 20 метри, а проектот на Хадид оди до висина 70 метри, надвиснувајќи се над градините на паркот.
Се организираше петиција против изградба на овој стадион, предводена од добитниците на Прицкер, како и од архитектите Кенго Кума и Соу Фуџимото, која собра преку 80.000 потписи – соодветно на капацитетот на планираниот стадион.
Zaha Hadid Architects како одговор на одлуката да не се гради стадионот, изјавија дека зголемувањето на трошоците не се должи на дизајнот сам по себе, туку дека вистинската тешкотија е договорот за прифатлива цена за изградба. Во изјавата изразија уверување, засновано врз нивното големо искуство во проектирање стадиони (како на пример за Олимписките игри во Лондон 2012), дека ZHA со сигурност може да го изгради нивниот дизајн на рентабилен начин. Но и јавното мислење во Јапонија не беше воодушевено од дизајнот на стадионот на Заха, се изнедрија многу сатирични коментари, кои одеа дури и дотаму дека стадионот личи на женски полов орган.
За нов проект „од нула“ се одлучи на меѓународен конкурс кој покрај проект, вклучуваше и трошоци на изградбата, откако Јапонската влада за новиот проект кој требаше да биде завршен до есента 2015 година го вклучи и ограничувањето на трошоците.
Јапонскиот архитект, лауреат на Прицкер, Тадао Андо, кој беше дел од жирито кое го одбра проектот на ZHA, исто така се соочуваше со вина за преголемите трошоци за изградба, за што тој тврдеше дека не е виновен.
Кенго Кума тесно го победи Тојо Ито
На 28 август 2015 година, Јапонската влада објави нови стандарди за Националниот стадион. Фиксниот капацитет да биде 68.000 места и да може да се прошири на 80.000 со користење привремено седење на атлетската патека. Владата исто така ја напушти идејата за подвижен покрив и наместо тоа се одлучи за фиксно покривање само над трибините. Исто така, елиминирани се спортскиот музеј и небеската патека кои беа дел од претходниот проект, а намалени се и ВИП-салоните и подземниот паркинг. Ова намалување резултирало со површина од 198.500 квадратни метри, 13 отсто помалку од првобитно планираното.
Проектот на Кенго Кума тесно го победи проектот на Тојо Ито, при што Јапонскиот спортски совет ги оценувал проектите според следните критериуми: намалување на трошоците и на времето потребно за изградба, концепт на холистички пристап, заштита на околината, конструкцијата и функцијата.
А Заха тогаш изјави дека им било голема чест што бил избран нивниот проект, но дека за жал јапонските власти со поддршка од некои колеги од професијата се договориле да го затворат проектот.
Во изработка на проектот, архитектите се здружиле со изведувачите за да го предадат проектот заедно со трошоците за изградба и временските рокови. Тоа биле компнијата Taisei Corporation која често работи со Кума и конзорциум од неколку водечки јапонски изведувачи.
Заха Хадид не успеа да пронајде изведувач спремен да работи со нејзиниот проект, па поради тоа била принудена да се откаже од напорите, повторно да предложи свој ревидиран проект на новиот конкурс.
Националниот стадион е според концептот – стадион во шума, дрвото се користи во комбинација со челични рамки за покривот, може да се пофали со универзален дизајн на највисоко светско ниво. Објектот пет нивоа над земја и две под земја, претставува најнова инкарнација на духовниот дом на јапонскиот спорт.
„Фасадата се состои од преклопување, повеќеслојни стреи“, објаснуваат од канцеларијата на Кенго Кума. „Долната страна на секоја стреа е покриена со дрвени решетки во обид на соодветен современ начин да се изрази традицијата на убави стреи во јапонската архитектура“, додаваат од Бирото на Кума.
Стадионот има околу 500 седишта и 100 тоалети достапни за инвалиди кои се сместени на приземниот дел, поставени така, што дури и гледачите кои стојат нема да им сметаат на погледот.
Инсталирани се голем број Wi-Fi-места, што овозможува околу 30.000 корисници да се поврзат истовремено. На петтото ниво поставен е простор, еден вид тераса која го обиколува стадионот, која ќе биде отворена за јавноста по натпреварите, а посетителите ќе можат да уживаат во сезонските погледи, како што се пролетните цветови на црешите или променливите бои на есенските лисја.
Стадионот ќе се користи за спортски и културни настани и со нетрпение се очекува на 23 јули да ја отвори вратата за најголемиот спортски настан на светот.