Стадионот Ahmad Bin Ali гордо стои во Umm Al Afaei – еден од најисториските градови во Катар и домот на спортскиот клуб Al Rayyan SC. Сместен е на самиот раб на пустината, место на приказни кои живеат блиску до срцата на локалното население – гостољубив народ кој го сакаат својот фудбал исто како и своето фасцинантно минато. Стадионот го носи името по Ahmad bin Ali Al Thani, емир на Катар од 1960 до 1972 година.
Стадионот е поставен, буквално, на урнатините на неговиот претходник. Стариот стадион е срушен во 2015 година, урнатините 90 отсто се повторно искористени како дел од новата структура. Лоциран е западно од Доха на 20 километри од центарот на градот.
Познат уште и како порта во пустината, Ahmad Bin Ali со капацитет од 45.032 места за седење, сите во сенка, е проект на британското биро Pattern Design. Изграден на работ на пустината, стадионот делува како маркер за оние кои пристигнуваат или го напуштаат градот.
Обликувањето на стадионот и околните содржини ги отсликува аспектите на локалната култура и традиции. Сложената фасада ги рефлектира бранувањата на песочните дини, додека сложените геометриски обрасци ја рефлектираат убавината на пустината, домашната флора и фауна, како и локалната и меѓународната трговија.
Карактеристичен елемент на арената е осветлената фасада со површина од 39.000 квадратни метри. Се состои од мултимедијални екрани, темите кои се проектираат се семејни вредности, убавината на пустината, вести, реклами, спортски новости, актуелни информации за турнирот и натпреварите.
Околу стадионот има бројни заоблени содржини кои своите форми ги превземале директно од песочните дини во соседната пустина.
„Пустината послужи како инспирација за формата за надворешните содржини на стадионот, предвидени како дини“, објасни Luke Harrison, помошник директор во Pattern Design и додава: „Локалната култура ја слави пустината и во неа бега од градот за да се релаксира за време на викендите. Наша цел беше да го доловиме ова со надворешни заштитени простори внатре во дините, кои се совршени за користење во текот на зимските месеци на Светското првенство.”
Ahmad Bin Ali користи еколошка технологија за ладење (DC) преку централна станица со капацитет за ладење од 16.000 тони. Станицата доставува оладена вода до стадионот преку електраната и оттаму до големиот број единици за третман на воздухот распоредени на локацијата за да се обезбеди потребната температура за трибините и теренот. Во исто време, објектот е енергетски поефикасен за 20 отсто во споредба со други од овој тип, а користи и 20 отсто помалку вода.
Стадионот е отворен на 18. декември 2020 година, на Денот на државноста на Катар. На Ahmad Bin Ali веќе се одигра еден натпревар, САД – Велс, а ќе се одиграат уште шест за време на Светското првенство. На оваа спектакуларна арена денес ќе го гледаме напреварот помеѓу Велс и Иран.