Клубот во американски фудбал Atlanta Falcons наскоро ќе има нов врвен стадион каде тимот и неговите навивачи ќе можат навистина да уживаат. Футуристичкиот спортски објект, проектиран од страна на бирото 360 Architecture, поседува подвижен покрив во облик на ливчиња од роза кои се отвораат дијагонално, слично како блендата кај фотоапаратите. Со користење на принципите на кинетичката архитектура, динамичкиот покрив може да се отвори и затвори по желба, односно објектот да биде отворен или затворен и климатизиран.
Новиот стадион ќе биде огромен објект од 167.235 метри квадратни со капацитет од 71.000 места за седење. Инспирирани од логото на клубот, при креирањето на концептот архитектите консултирале стручњаци за кинетичка архитектура од Buro Happold но и познатиот Чак Хоберман, со цел да ја остварат оваа визија. Покрај користењето на кинетичките принципи за проектирање, архитектите вклучиле и други трансформативни функции кои работат во спрега со движењето на покривот. Кога покривот се отвора, обвивката на стадионот исто така се отвора овозможувајќи вентилација во внатрешноста.