Едно од најголемите изненадувања во рускиот фудбал во последната сезона е Краснодар. Тимот што оваа сезона е на чекор да обезбеди историски пласман во Лигата на шампионите, може дебитантската епизода во најсилниот светски клупски турнир да ја дочека на сосема нова арена.
Во средината на 2013 година во Краснодар почна изградбата на новиот објект, кој, до крајот на оваа или на почетокот на следната година, треба да биде претставен како нов дом на ФК Краснодар.
Во кампањата за организација на светското првенство во 2018 година и Краснодар влезе во групата стадиони со кои Русија претендираше да ја добие организацијата на настанот, па сега со најновите клупски успеси, градот е на пат да добие модерна фудбалска арена.
Името на новиот стадион сè уште не е дефинирано, а капацитетот треба да биде околу 33.000 места. Во зависност од потребите и комфорот на трибините, капацитетот ќе може да се зголеми и до 36.300 места, но тоа нема да биде случај со фудбалските натпревари под капата на УЕФА.
Проектот за изградба на арената во Краснодар е во соработка со GMP Architekten од Берлин и руската компанија SPEECH Moscow. Новата арена ќе има 3.888 места во ВИП зоната и дополнителни 487 места во ВИП ложите. Според проектот, новата арена во овој руски град ќе биде една од најубавите и најфункционалните арени во овој дел на светот.
Покривната конструкција е специјално дело на германската компанија GMP Architekten и ќе биде со инсталација на посебна структура која треба да ги опфати сите трибински места, што ќе му даде на самиот стадион состојба на целосна покриеност на трибинскиот простор.
Седиштата на стадионот ќе бидат опремени со инфрацрвено греење за максимална удобност за време на ниските температури во голем дел од годината додека се игра руската Премиер лига. Над една од трибините е планирано поставување на гигантски екран со површина од 4.700 м2, а фудбалскиот терен за игра ќе биде 105 х 68 метри. Дренажата ќе биде изведена според најмодерната технологија, со дополнително греење, како и вештачко осветлување на тревникот.
Во близина на стадионот се гради нов парк, а паркинг просторот ќе биде под стадионот и ќе нуди можност за паркирање на близу 3.000 автомобили. Во состав на целиот капацитет ќе има и ноќни клубови, ресторани, фитнес центар, како и мини-трговски центар каде продавници веќе најавија најпознатите спортски брендови. Според проектот, стадионот треба да ги добие највисоките оценки на ФИФА и УЕФА и на него ќе можат да се организираат сите видови фудбалски натпревари. Комплетната инвестиција е на амбициозниот руски бизнисмен Сергеј Галитски, кој активно стои и зад ФК Краснодар.
Факти за Стадион „Краснодар“, Краснодар, Русија
Капацитет: 33.000 места
Површина на градба: 120.000 м2
Период на изградба: 2013 – 2016
Дизајн: GMP Architekten и SPEECH Moscow
Инвеститор: OOO INVESTSTROY