Денес започнува меѓународниот Sarajevo Film Festival, со светската премиера на филмот „Син“ на режисерката Инес Тановиќ. Во конкуренција за главната награда – „Срцето на Сараево“ се 53 филмови, од вкупно 270-те од 68 земји кои ќе се претстават на овој фестивал. Но, што всушност претставува оваа малечка скулптура? Во златарската работилница Sofić, чии сопственици се браќата Сеад и Сенад, веќе 15 години се изработува главната награда за овој фестивал. „Срцето на Сареаво“ е дизајнирано од страна на француската дизајнерка Agnes B. , и уште од 2004 година е официјална награда на најголемиот филмски фестивал во регионот. Тогаш работата во врска со изработката ја има превземено златарницата Sofić.
Приказната зад овој дизајн е повеќе од симболична. Имено, во текот на војната во Босна и Херцеговина, на мировните демонстрации во Париз со одвај 50-тина присутни се појавила дизајнерката Agnes B. Инспирирана од разочарувањето поради незаинтересираноста на нејзините сограѓани за протестот, таа се одлучила на интересен чекор – продажба на срца од картон, за да ги испрати парите како помош во опколеното Сараево. Оваа картонска креација е преточена во денес добро познатиот симбол од сребро, во златарската работилница Sofić. Петнаесет години подоцна, браќата Sofić и натаму ги изработуваат наградите, со што покажуваат дека идејата на Agnes B. ја надминува нејзината оригинална намена. Дизајнерката и самата е наградена со почесно „Срце на Сараево“ за време на фестивалот во 2014 година.