Со потпишување на меморандум за разбирање со кинеската компанија PowerChina, компанијата Fintel Energija и MK Group, официјално започна реализацијата на заедничкиот проект „Агросолар“ во Кула во Србија. Проектот подразбира производство на земјоделски култури и електрична енергија со фотонапонски панели на истата локација. Вкупниот капацитет во фотонапонски панели би требало да биде 660 MW, што би била најголема соларна електрана од ваков вид во Европа, имајќи предвид дека сега најголема е Nunez de Balboa со 500 MW во Шпанија.
MK Group соопштил дека проектот овозможува одржливо земјоделско производство под фотонапонските панели. Станува збор за прв ваков проект на Балканот и најголем во Европа, а вредноста на инвестицијата е проценета на 340 милиони евра. „Агросолар“ ќе се простира на 770 хектари на територијата на општина Кула. Во склоп на втората фаза од проектот, планирана е изградба на постројка за производство на зелен водород, како и 300 тони минерално ѓубриво дневно, добиено на целосно одржлив начин.