Владата на Србија со директива воведува еко такса за правните и физичките лица. Обврската за плаќање на оваа такса стартува од 1 јануари 2020 година. Висината на еко таксите е различна според категоријата на загадувањето и се движи од 1.200 динари до 2.000.000 динари (од 10 до 17.000 евра). Ова значи дека надоместокот ќе се плаќа според принципот „загадувачот плаќа“.
Во однос на категоризацијата на загадувачите кои се правни лица, постојат три категории согласно негативното влијание врз животната средина (мало, средно и големо). Во рамките на овиe три категории постои дополнително групирање согласно големината на компаниите. Така, две компании со различна големина, иако припаѓаат на иста главна категорија може да платат различна казна во рангот од 150 евра (за микрокомпанија) до максималните 17.000 евра.
Од оваа давачка не се изземени ниту физичките лица. Се работи за домаќинства кои влијаат на загадувањето со начинот на греење (користење на технологии и производи кои генерираат било каков отпад). Таксата за нив изнесува 10 евра на годишно ниво.