Министерката за градежништво на Република Србија Зорана Михајловиќ, потпиша спогодба со Управата за спречување на перење пари врз основа на документот на Владата на Србија „Проценка на ризици од перење пари и проценка на ризици од финансирање тероризам“, каде секторот градежништво е таргетиран како еден од потенцијално ризичните за перење пари. Со тоа, Србија стана првата земја во регионот која институционално ја регулира областа на градежништвото, и која на системски начин го решава проблемот на пласирање „валкани пари“ во овој сектор.
„Препознавме дека ваква спогодба е неопходна како механизам со кој Министерството за градежништво редовно ќе ја информира Управата за евентуални сомнежи во рамките на работите од својата надлежност, како на пример издавањето градежни дозволи, инспекциски надзор, технички прием на објектите и сл., а вработените дополнително ќе ги обучиме да препознаваат вакви случаи“ истакнала Михајловиќ во својата изјава за медиумите.