Неколку илјади граѓани протестираа на 10-ти јануари во Белград, поради прекумерното загадување на воздухот. Тие прошетаа од плоштадот „Славија“ до седиштето на Владата на Србија, каде на вратата ги залепија своите барања. Главната парола на протестот за чист воздух беше „за Србија без смог“. а основното барање на граѓаните е државните институции да им го обезбедат со Уставот загарантираното право на здрава животна средина. Ова право е сега загрозено со загадувањето на воздухот, изградбата на малите хидроцентрали и најавените инвестиции во „валкани“ технологии.
Пред седиштето на Владата на Србија, се обратија Бојан Симшиќ од „Еко стража“, Владимир Ѓурѓевиќ професор од Физичкиот факултет, Александар Јовановиќ од здружението „Да ги одбраниме реките на Стара Планина“, и Драгана Ѓорѓевиќ научен советник во Институтот за хемија, технологија и металургија.
На протестот е истакнато дека уште пред една година, Владата на Србија поради загадувањето на воздухот формирала работна група, која одржала еден состанок само со политичари, без луѓе од струката, и разбирливо до денес нема никакви резултати од нејзината работа. Барањата кои произлегуваат од овој протест се однесуваат на краткорочни и долгорочни мерки за намалување на загадувањето, како и на правовремено информирање на јавноста за квалитетот на воздухот. Меѓу барањата се: итно испитување на емисиите кои ги генерираат термоцентралите и индустријата со ангажирање на независни лаборатории, зголемување на транспарентноста во подготовка на проценките на влијанието врз животната средина, јавна расправа за енергетската транзиција, укинување на субвенциите за нови електрични и хибридни возила и сл.