Министерството за рударство и енергетика на Република Србија, во септември ќе го претстави инвестицискиот план за вложувања во енергетиката и рударството вреден 17 милијарди евра. Меѓу инвестициите во нови електрани се издвојува изградбата на реверзибилните хидроцентрали „Ѓердап 3“ и „Битрица“, кои можат да одиграат голема улога во полесна интеграција на соларните електрани и ветерни паркови. Плановите за изградба на „Ѓердап 3“ со инсталирана моќност од 2.400 MW, и „Битрица“ со инсталирана моќност од 680 MW, постојат веќе неколку децении. Во повеќе наврати инвеститорите покажувале интерес за градба, но со години ништо конкретно не се случувало. Инвестицијата во „Ѓердап 3“ е многу висока и се проценува на неколку милијарди евра, а за „Битрица“ околу 600 милиони евра. Овие електрани ќе работат на принципот на пумпање вода од долната акумулација или река во горната акумулација, од каде водата се користи за производство на електрична енергија. Ваквите хидроелектрани произведуваат енергија за покривање на пиковите на потрошувачката во текот на денот. Тие се исто така решение за варијабилноста во производството на енергија од обновливите извори како што се ветерот и Сонцето. Никола Рајаковиќ, професор на белградскиот Електротехнички факултет и претседател на Сојузот на енергетичарите, за порталот Balkan Green Energy News вели дека станува збор за скапи инвестиции, но дека би обезбедиле вредна енергија не само за регионот, туку и за Европа. Со оглед на нивното значење за балансирање во поширок контекст, тој укажува дека би можело да се работи и на обезбедување на финансирање и од други засегнати страни.