Минатата недела е потпишан договор помеѓу едно од најголемите претпријатија за изградба и промет на елитни недвижности на територијата на Москва, „Донстрој“, и српската компанија „Путеви“, како главен изведувач на работите на објектот „Срце на престолнината“. Договорената вредност на работите е 10 милијарди рубљи или приближно 250 милиони долари. Површината на објектот што ќе се гради во три фази изнесува 800.000 квадратни метри.
Исто така, договорена е првата фаза на работите на изградба на станбен комплекс во поширокиот центар на Москва, на приближно 250.000 квадратни метри. Рокот на завршување на работите е во втората половина на 2017 година. Фирмата планира ангажирање на работна сила првенствено од Србија и Република Српска. Моментно се обезбедени 1.300 квоти за нови работници, покрај веќе 800 работници присутни на градилиштата. На овие два објекта ќе бидат ангажирани околу 2.500 до 3.000 работници.
Инаку, кон крајот на април годинава, „Путеви“ потпиша договор, според кој таа ќе биде главен изведувач на работите, но и главен проектант на објектот „Сколковски институт за наука и технологија – источен круг“. Договорената вредност на работите изнесува 14 милијарди рубљи или 350 милиони долари. Површината на објектот изнесува околу 134.000 квадратни метри.
„Станува збор за специфичен научно-истражувачки објект, со современа опрема и лаборатории за биохемиски, нуклеарни, аеронаутички и геомеханички испитувања“, вели Лазар Цицвариќ, технички директор на „Путеви“ Ужице. Според него, комплексната фасада на објектот од мноштво бетонски и дрвени ламели, го прави единствен во Руската Федерација, но и пошироко.
На проектирањето на објектот е ангажирано светски познатото архитектонско биро Herzog & de Meuron. Рокот на завршување на работите е крајот на 2015 година.