--> -->
-->
Насловна / Архитектура / Спортскиот комплекс во кинескиот Ќуџоу – хармонија меѓу архитектурата и природата

Спортскиот комплекс во кинескиот Ќуџоу – хармонија меѓу архитектурата и природата

Присутен е впечатокот дека за современата архитектура во Кина многу малку се чита на овие простори. Дали тоа се должи на лимитираните извори, јазичната бариера, или на нереално големата инвазија на фантастични нови зданија кои секојдневно никнуваат во кинеските градови, не можеме да сме сигурни.

Веројатно е сплет од повеќе околности. Во секој случај, градежната инвазија таму е толку голема да човек и да посака едноставно не може да „пофаќа“ и да посвети должно внимание за архитектонска анализа ни на стотинка од сето вредно што е изградено таму последниве 10-тина години, да не го сметаме претходниот период.

За половина милионскиот град Ќуџоу (Quzhou) сместен на околу 400 километри југозападно од Шангај, кој се наоѓа во речиси 70-милионската провинција Џеџијанг (Zhejiang) не знам колкумина од Македонија чуле. Јас бев до неодамна еден од оние кои немаа чуено. Пребарував на интернет за него на македонски, и не најдов ништо. Пробав и со неколку различни варијанти на неговото име, во надеж дека можеби поинаку e транскрибирано името, но без успех. Токму во овој град, во 2022 година е комплетиран еден фудбалски стадион како централен дел од еден поширок спортски комплекс на кој сè уште се работи, а за кој пишувале најпопуларните сајтови и магазини за архитектура во светот.

Проектот за него е победник на претходно одржаниот јавен конкурс за спортски комплекс на понудената локација распишан од локалните власти. Сметам дека е корисно да го презентираме и на македонската стручна јавност како еден навистина квалитетен пример на спортска архитектура која се истакнува со својот органски проектантски пристап кој за вакви навистина големи комплекси ретко се гледа.

ПРОЕКТАНТСКИ ПРИСТАП ЗА ОВОЗМОЖУВАЊЕ СИНЕРГИЈА НА АРХИТЕКТУРАТА И ПРИРОДАТА

Спортскиот комплекс Ќуџоу, футуристички каков што е, не е само збир на спортски и рекреативни објекти, туку е концептуално редефинирање на начинот на кој современата архитектура може да се интегрира во природниот пејзаж. Проектиран е од реномираното кинеско архитектонско биро MAD Architects, основано од кинескиот архитект Ма Јансонг во 2004 година, кое е познато по својата уникатна филозофија за архитектура која се стреми кон создавање хармонија помеѓу човекот, градот и природата.

Комплексот претставува синтеза на органски форми, иновативни инженерски решенија и одржливи принципи на градење. За својата визија за проектот, архитектот Ма Јансонг ќе изјави: „Нашата цел беше да создадеме простор кој не само што ќе служи за спорт, туку и ќе ги надмине традиционалните граници на архитектонското проектирање. Сакавме да го споиме природното и вештачкото, создавајќи место коешто нема да изгледа како изградена структура, туку како природен дел од пејзажот.“

Целиот спортски комплекс зафаќа површина од речиси 700 000 квадратни метри и е обликуван како динамичен, органски простор кој ја брише границата меѓу природата и изграденото опкружување. Сместен е на периферијата на градот, опкружен со густи шуми и планини, па затоа комплексот е замислен како своевидно продолжение на природниот пејзаж. Наместо аголни и остри геометриски форми кои се присутни при традиционалното проектирање на спортски комплекси, овој проект користи криви и контури кои го следат природниот релјеф, создавајќи ридести структури кои делуваат како дел од пејзажот.

Објектите кои се дел од комплексот не се истакнуваат, не доминираат, секој од нив е делумно вкопан во земјата, покриен со вегетација која целиот комплекс го прави да биде ненаметлив, ја намалува неговата визуелна присутност и ја зголемува енергетската ефикасност. Овој пристап не само што го намалува влијанието на комплексот врз околината, туку и создава впечаток на своевидна „земјена уметност“ (land art), која се вклопува во топографијата на регионот. Периферната локација на комплексот свесно ги има поттикнато архитектите да понудат решение кое е контраст на вообичаените, често масивни и доминантни градби кои се типични за урбаните средини во Кина, особено во централните градски подрачја.

ФУНКЦИЈА И ОБЛИКОВНИ АСПЕКТИ

Проектот не само што нуди спортски и рекреативни содржини, туку служи и како јавен простор кој е достапен за граѓаните во секое време. Дури и кога нема спортски настани, посетителите можат слободно да ги истражуваат патеките што се протегаат низ целиот парк, како и самата структура на стадионот, која е проектирана да биде интерактивен елемент во урбаната средина. Ова било и еден од главните мотиви при проектирањето – да се понуди освен спортски комплекс – и еден нов јавен, зелен парковски простор, необичен и различен од традиционалните паркови.

Главниот објект во комплексот е фудбалскиот стадион кој вклучува и атлетска патека и пропратни атлетски содржини со капацитет од 30 000 седишта. Неговата делумна вкопаност во теренот го прави интегрален дел од природната средина. Највпечатливиот елемент е неговиот елегантен покрив, кој од далечина изгледа како транспарентен ореол кој лебди над структурата.

Неговата форма овозможува продирање и прекршување на сончевата светлина на различни начини во текот на денот, создавајќи „хало“ ефект кога е гледан од различни страни од неговата непосредна околина. Покривната конструкција е едно од најимпресивните инженерски достигнувања на проектот. Потпрена е на девет точки и има максимален распон од 95 метри. Се состои од челична рамка обложена со тефлонска (PTFE) мембрана, која освен што обезбедува заштита од атмосферски влијанија, овозможува и дифузен продор на природна светлина во ентериерот, а истовремено и ја подобрува акустиката.

Ваквата полупроѕирност на мембраната, освен светлосен ефект кон внатрешноста преку ден, овозможува и светлосен ефект во спротивен правец – кон надвор, за време на ноќни натпревари или други вечерни настани, бидејќи овозможен е продор на вештачкото ноќно осветлување кое го нагласува импресивниот футуристички изглед на стадионот.

При проектирањето на носивиот конструктивен систем за трибините и за поттрибинските простори, тимот на архитекти и инженери се одлучува за иновативна носечка структура базирана на шеесет радијално распоредени армиранобетонски ѕидови со груба текстура, кои служат како примарни потпори за трибините.

Овој пристап не само што ја минимизира визуелната претстава за конструкцијата, туку и создава чувство на природна континуираност помеѓу пејзажот и архитектурата со таквата употреба на бетонот како природен материјал. Двојно закривените бетонски површини во внатрешните делови, преку кои се овозможува продорот на природна светлина во внатрешноста, создаваат чувство на природни пештери.

Во објектот се употребени еколошки материјали и одржливи технологии, а начинот на неговото проектирање овозможува природна вентилација. Големите отвори во теренот овозможуваат природна светлина да ги осветлува подземните простори, како што се гаражите и влезовите. Системот за управување со дождовницата ја апсорбира и складира водата, намалувајќи ја потребата од вештачко наводнување и заштитувајќи го комплексот од поплави.

Планирањето на просторот е направено така што максимално се искористуваат природните ресурси, намалувајќи ја потребата за вештачки системи за климатизација и осветлување. Во рамките на идниот развој на 67-хектарскиот спортски комплекс предвидено е и изградба на спортска сала со капацитет од 10 000 седишта и базенска сала со 2 000 седишта. Освен тоа, Ќуџоу спортскиот парк вклучува и научно-технолошки музеј, хотел и различни комерцијални објекти. Овие структури се поставени во пејзажот така што не ја нарушуваат природната хармонија, туку ја надополнуваат. Од воздух, паркот изгледа како група на кратери на вулкански пејзаж, со езеро кое го комплетира амбиентот.

ИНКЛУЗИВНОСТ И ЈАВЕН ПРОСТОР ЗА ЗАЕДНИЦАТА

Јавните простори помеѓу објектите кои во комплексот се испресечни со различни пешачки патеки – од рамни, благи до стрмни, ридести платоа и зелени површини, ги поттикнуваат посетителите да се движат низ паркот и да го истражуваат просторот. Посебен акцент е ставен на инклузивноста на просторот – патеките и пристапните точки се прилагодени за лица со посебни потреби; целокупниот дизајн овозможува непречен и лесен пристап до сите спортски содржини, што дополнително го зацврстува концептот на паркот како место за заедничко уживање и спортски дух.

Со поставувањето на стадионот на вештачки рид се овозможуваат панорамски погледи кон околниот предел, а впечатливата кровна конструкција на стадионот е видлива од големи дистанци. Со тоа стадионот станува ориентациона и референтна точка во градот која на импресивен начин ги надополнува изградените градски силуети со своето импресивно, но ненаметливо присуство во нивните заднини.

Спортскиот парк Ќуџоу поставува нов репер во современата архитектура на спортски комплекси, докажувајќи дека и проекти од ваков тип можат да понудат многу повеќе од обична функционалност – тие можат да бидат уметнички дела и природни ентитети кои ги зближуваат луѓето и околината. Со својот револуционерен дизајн, напредните инженерски решенија и холистичкиот пристап кон урбаното планирање, овој проект поставува нови стандарди за идните генерации архитекти и урбанисти. Проектот освен што ја редефинира традиционалната концепција за спортски објекти, претставува пример за тоа како архитектурата и на навистина големи, масивни зданија, може да биде во хармонија со природниот свет. Иновативниот пристап во проектирањето и целокупната идеја за комплексот е препознаена и од стручната јавност, а доказ за тоа се и неколкуте добиени награди на архитектонски натпревари.

Автор: Бошко ВИДЕОСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top