Спортскиот центар „Јане Сандански” е добитник на годишната награда за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2014 година, што ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Автор на СЦ „Јане Сандански“ е архитектонското студио „Радо инженеринг“, а одговорни проектанти Ѓоко Радовановиќ и Горан Тодоровиќ.
Претседателот на жири–комисијата за доделување на наградата, архитект Вера Ќосевска го образложи процесот на анализа на пристигнатите авторски творби. При валоризацијата на реализираните проекти беа земени предвид неколку критериуми, меѓу кои архитектонските квалитети, вклопеноста на објектот во локалитетот, неговиот волумен и функционалност. Како проектантска творба без негативни забелешки, архитектката Вера Ќосевска го издвои спортскиот центар „Јане Сандански“.
– Архитектот создава дела од човекот за човекот, за сегашните, но и за идните генерации. Оттука, архитектот е создавач и уметник, а неговата дејност е меѓу најважните во животот на луѓето и во развојот на општеството. Архитектот го замислува и го оформува просторот и амбиентот во кој секојдневно живееме, престојуваме и дејствуваме, – истакна претседателот Ѓорге Иванов, на врачувањето на наградата во Музеј на Град Скопје.
Квалитетот на архитектурата, посочи Иванов, се постигнува преку натпревар на идеи, концепти и визии за тоа каков треба да биде просторот во кој луѓето можат да живеат, да работат, да спортуваат, да творат.
– Поттикнувајќи го развојот на архитектурата и архитектонското творење, како и афирмацијата на македонската архитектура и творештво во меѓународни рамки, Асоцијацијата на архитекти на Македонија и оваа година по 38-ми пат ги вреднува најуспешните архитектонски остварувања. Ова признание е дотолку поголемо што доаѓа токму од колегите, кои најдобро умеат да ја проценат вредноста на градителските потфати и архитектонските дострели, – рече претседателот Иванов, под чие покровителство се одржува традиционалната манифестација на доделување на годишната награда за архитектура.
Покрај спортскиот центар „Јане Сандански“, во трка за наградата оваа година беа и новиот објект на Министерството за финансии во центарот на Скопје, комплексот „Капитол мол и резиденс“ во населбата Аеродром и новото здание на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинов“ во Велес.