Габаритите, амбиенталната складност и човекомерноста се главните атрибути на проектот на Идис Турат за Основното училиште и Спортската сала со плоштадот во стариот град Крк во Хрватска. Средновековната градска агломерација, опашана со градските бедеми, густата урбана матрица испресечена со тесните камени сокачиња, малите градски плоштади и изразената регулација, воедначениот колорит и материјализација, како и живоста на градските улици и јавните простори, го чинат оној препознатлив медитерански амбиент на стариот град Крк. Во потрага за најдобро решение е организиран конкурс, а во изборот на локација и проект учествува целата локална заедница. Победничкиот проект на архитектот Идис Турат и Саша Рандиќ предвидува смела архитектонско-урбанистичка интервенција на североисточниот дел од овој средновековен град. Во првата фаза пред една деценија е направено училиштето со воспоствен однос кон градскиот бедем.
Во втората фаза на интервенцијата, 10 години подоцна е изведбата на проектот за спортската сала со плоштадот, каде настанува вистински спој на старото со новото. Новата спортска сала, освен основната функција како школска, има функција на градска сала за спорт, културни активности и свечености, заради што дел од нејзината фасада е отворен кон плоштадот, создавајќи просторен континуитет.
Најпрепознатлив и најкарактеристичен елемент на салата се фасадите, на кои се менуваат затекнатите камени ѕидови и креираните бетонски монтажни блокови, наменски осмислени и изведени во локална работилница. Бетонските блокови всушност се негатив на стариот камен сувоѕид. Уникатниот и основен процес на префабрикација, како инверзен процес на градба е лично изум на самите архитекти, автори на проектот.
Архитектите поигрувајќи си со традиционалните и современите градителски елементи, ги комбинираат нивните соодноси, менувајќи ја изворната употреба на некои материјали. Па така, терацото е употребено за поплочување на плоштадот, иако изворно неговата употреба е исклучително ентериерна. Црвената боја на плочите што го покриваат просторот на плоштадот се во контраст со светлата површина на монолитните блокови, а главната фасада на салата, во зависност од светлината, го истакнува црвениот отсјај.
Влезот на салата е од страна на школата, а врската со неа освен со подземен ходник е остварена и преку обликувањето на ентериерот и јаките бои на подовите, ѕидовите, скалите и таваните. Со изградбата на спортската сала со плоштадот, се дополнува стариот, а е формиран нов урбан идентитет во стариот дел на Крк. Архитектите покажаа дека и денес може да се создаде архитектура која ќе ја почитува старата, со сите нејзини слоеви на минатото, а оваа заемна комуникација е можна ако ја градиме и чуваме меѓусебната доверба.