--> -->
-->
Насловна / Вести / Спорот околу нелегалната депонија во Струга се сели во Стразбур

Спорот околу нелегалната депонија во Струга се сели во Стразбур

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) од Скопје, порачува дека единствената надеж за правда по прашањето на нелегалната депонија кај Струга сега е надвор од државата. Имено, правосудните органи се прогласија ненадлежни за нивната тужба од 2021 година, против локалните и државните институции. Оваа депонија го загрозува основното човеково право – на здрава животна средина, велат младите правници.

Македонските еколошки и граѓански активисти со години се обидуваат на суд да докажат дека дивата депонија на влезот во Струга ги труе жителите на овој град. Нивната борба, започната во јануари 2021 година, не дава резултат. МЗМП ја тужеше Општина Струга, Јавното комунално претпријатие во Струга и Министерството за животна средина и просторно планирање, тврдејќи дека ништо не направиле за овој сериозен проблем да се реши. Барале судот да забрани понатамошно одлагање на отпад, а просторот да се исчисти и ревитализира. Но, наместо тоа, и натаму се натрупува различен отпад кој го загадува воздухот и почвата и негативно влијае врз здравјето на граѓаните. И Основниот суд во Струга и Апелациониот суд во Битола, се изјасниле за ненадлежни да одлучуваат по ова прашање. Станува збор за прва ваква тужба во земјата. Сега спорот се сели во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, велат од МЗМП, со оглед на фактот дека депонијата го загрозува основното човеково право – право на здрава животна средина, но и право на живот. Одлагањето отпад на оваа депонија започнува во 2006 година, како привремено решение.

 

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top