Активистите од невладината „Плоштад Слобода“ и иницијативата „Ние сме Карпош 4“ направија попис на дрвјата во Карпош 4. Се утврди дека има 3.008 дрвја на површина од бруто 32 хектари, или 94 дрвја на хектар.
Заради одговорно урбанистичко планирање и заштита на плански засаденото високо зеленило, овие активисти препорачуваат преиспитување на одлуките во ДУП-от за нови згради, соодветни акции, а кога отстранувањето на дрво е неизбежно – тоа да се премести, а да не се сече.
„Така, доколку се реализираат сите нови надземни и подземни градежни површини, како што се предвидени во ДУП-от, ова би значело сечење на околу 482 дрвја, или намалување на вкупниот фонд на дрвја за 16 отсто. Од нив, дури 36 се новозасадени фиданки, кои би биле исечени, што говори за непланското садење и сечење на дрвја и залудно трошење на ресурси.
Во оваа пресметка не е вклучено проширувањето на училиштето за кое веројатно се планира архитектонско-урбанистички проект, а претпоставката е дека веројатно и таму ќе се жртвува некое дрво. Во самиот двор на основното училиште има 226 дрвја. Проценката на бројот на дрвја кои би биле исечени е базирана на непрецизни локации на дрвја (без точна гео-локација) и на непрецизен пдф документ од ДУП-от – но, дури земајќи во предвид голема маргина на грешка, бројот на потенцијално уништени дрвја е сепак импозантна“, велат активистите.