Легалноста на еколошката дозвола за проектот „Бошков мост“ издадена од Министерството за животна средина во 2012 година е под знак прашање, информира „Телма“. Управниот суд го поништи решението на Државна Комисија за одлучување во управна постапка со кое се одбива жалбата против издадената еколошка дозвола за проектот.
Проектот „Бошков мост“ кој е предмет на оваа постапка подразбира изградба на 68 MW хидроелектрана во Националниот Парк Маврово. Во 2012 година, Министерството за животна средина донесе решение со кое се издава еколошка дозвола за спроведување на проектот. Решението беше обжалено пред Државната Комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен со образложение дека еколошката студија врз основа на која е издадено ова решение е некомлетна и согласно тоа, решението на Министерството е издадено спротивно на Законот за животна средина.
Во 2013 година, Државната Комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен донесе решение со кое ја одби жалбата како неоснована и го потврди решението на Министерството за животна средина. Ова решение на Државната Комисија од 2013 година е предмет на тужба пред Управниот суд.
„За Судот не постојат докази дека во издавањето на еколошка дозвола за ХЕЦ ‘Бошков мост’ била целосно запазена постапката согласно Законот за животна средина. Судот потврди дека фактите се нецелосно и погрешно утврдени и дека во постапката не се водело сметка за правилата на постапката. Имајќи го ова предвид ја поништи одлуката на Државната Комисија во врска со жалбата поднесена против решението со кое се издава еколошка дозвола за проектот ХЕЦ ‘Бошков мост’ и го врати предметот на повторно постапување“ – изјави Александра Бујароска од Фронт 21/42.