По повод утрешниот ден Илинден или Св. Илија голем православен празник, да се потсетиме на споменичниот комплекс во Крушево„Илинден“ или Македониум.
Ова архитектонско ремек – дело, магазинот Architecture & Design го вброи меѓу 10-те најуникатни градби во светот, а во 2016 година американскиот магазин Architectural Digest го стави на листата на седумте најинтересни бруталистички градби во светот.
Споменикот се протега на 12 хектари на ридот Гумење во Крушево. Македониум е дело на вајарот Јордан Грабуловски – Грабул (1925 – 1986) и неговата сопруга, архитект Искра Грабул (1936 – 2008)
Споменикот во Крушево е сеќавање на револуционерниот отпор на Илинденското востание во 1903 година против Отоманската империја и во спомен на антифашистичката борба на партизаните за слобода во Втората светска војна.
Јосип Броз Тито во Крушево
Иако во Македонија постоеле иницијативи од 1950-тите за Илинденски споменик, дури во 1968 година владините тела составиле комисија за организирање на изградба на голем меморијален комплекс. Поттик за создавање на оваа комисија можеби била планираната посета на претседателот Јосип Броз Тито на Крушево следната година 1969 на прославата 25-годишнина од АСНОМ.
Првата одлука што требало да се донесе за изградбата на споменикот била во кој град треба да биде сместен. Двата македонски града кои биле клучни за Илинденското востание, а кои се разгледувало да бидат домаќини на споменикот биле Крушево и Битола. На крајот Крушево е избран да биде градот каде ќе се наоѓа овој импресивен споменик. Можеби поради посетата на претседателот Јосип Броз Тито во 1969 година, но и поради фактот што Крушево е место со голема маченичка историја.
Осум проекти на конкурс
На јавниот југословенски конкурс за избор на најдобро архитектонско решение биле пријавени осум проекти на архитекти од цела Југославија. Во финалето влегле три, за на крај Собранието на Социјалистичка Република Македонија на 6 мај 1970 година да го изгласа проектот на брачниот пар Грабул. Веројатно македонското потекло не бил единствениот фактор за изборот, туку и активното учество на Јордан Грабул како партизан во НОБ, а Искра Грабул ќерка на Борис Спиров, прв потпретседател на президиумот на АСНОМ. Но, како и да е Собранието го направило вистинскиот избор.
Локацијата избрана за споменикот, врвот на ридот Гумење на северниот крај на Крушево е истакнато место од каде се гледа на целата област. Историските извори тврдат дека токму на овој рид се наоѓал штабот на Никола Карев и дека токму на тоа место била иницирана Крушевската Република. Откако востанието во 1903 година било задушено од Османлиите, исто така се раскажува дека тука биле егзекутирани многу од неговите учесници.
Во меѓувреме треба да се напомене дека авторите кои биле избрани, наградата имала многу повеќе врска со описите на нивните идеи, а не со претставени цртежи (кои ги немало), особено затоа што концептот на споменикот што жирито го одобрил изгледал мошне различно од конечниот производ.
Несогласувања со комисијата
Од самиот почеток, почнале расправији и несогласувања меѓу Грабул и комисијата за споменици околу изградбата и изгледот на проектот, кои биле значајни. Комисијата, која имала задача да ја зачува уметничката вредност и општественото значење на проектот, се залагала за потрадиционални и фигуративни компоненти за споменикот, додека пак Јордан и Искра Грабул биле решени споменикот да има целосно апстрактна и императивна форма.
На ситуацијата не и одел во прилог и фактот што Јордан Грабул бил многу таинствен околу неговите цртежи и шеми, дури и отишол дотаму што се обидувал да изврши притисок да се постави камен-темелникот на објектот пред комисијата да ги види сите финални цртежи, проекти или модели на изгледот на споменикот.
Особено спорна тема во процесот на проектирањ била серија од осум релјефни скулптури кои требало да бидат лоцирани во внатрешноста на споменикот, што ќе ја раскажат историјата на Македонија. Кога Јордан Грабул го открил својот концепт на комисијата на 8. март 1973 година, тие биле разочарани, особено членот на комисијата Драги Тозија, што е документирано во книгата „Минатото низ прашања: Модерна Македонија и неизвесностите на една нација“ на Keith Brown каде ја има конверзацијата меѓу Тозија и Грабул: „ Дизајнерот ни рече дека релјефите ќе бидат фигуративни, овие што сега ни се прикажани се апстрактни. Јас лично нема да го повлечам барањето релјефите да се обработат фигуративно и јасно. Не е моја работа да ви кажувам како тие треба да се развиваат, работа на уметникот е тоа да го сфати“, велел Тозија, на што Грабул реагирал: „Сакате да се мешате во мојата уметничка работа!?“, а Тозија одговорил: „Грабул, со ова ја исмеваш комисијата“.
Се стигнало до точка до која односите меѓу комисијата и Јордан станале толку непродуктивни што Искра била принудена да ги преземе сите понатамошни комуникации помеѓу комисијата и градежниот проект. Во меѓувреме, напредокот на проектот бил макотрпно бавен, што дополнително ја загрижувало комисијата, бидејќи почнале да растат стравувањата дека рокот 2. август 1973 година нема да биде испочитуван (целта била да се одбележи 70 годишнината од Илинденското востание). На крајот, биле постигнати компромиси и на Грабул им било дозволено да го создадат својот модернистички споменик, меѓутоа, одложувањата и несогласувањата веќе сериозно го забавиле проектот – како резултат на тоа, рокот за изградбата на споменикот морал да се продолжи, рокот 1973 година бил пропуштен.
Официјално отворен на 2. август 1974 година
Објектот е завршен и официјално отворен следната година на 2. август 1974 година, кога е одбележана 30 годинишнината од Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ и 71. годишнината од Илинденското востание.
Споменикот Македониум се состои од неколку скулпторски и меморијални елементи: на влезот во комплексот се серија големи бетонски скулптури наречени „Раскинати пранги“, продолжува по патеката до главното спомен-обележје, се поминува низ криптата составена од два ѕида со испакнати метални плочи на кои се испишани имињата на 58 значајни македонски револуционери.
Непосредно пред споменикот се наоѓа голем амфитеатар опкружен со живописен мозаик на сликарот Петар Мазев. Конечно, на врвот на ридот е Македониум, 25 метри висока бетонска купола испреплетена со многу испакнатини форми. Четири се украсени со масивни витражи од уметникот Борко Лазески. На 11. април 1990 година во внатрешноста на Македониумпренесени се посмртните останки на Никола Карев.
Извор: https://www.spomenikdatabase.org/