Јапонија е земја која за секој посетител е интересна и привлечна од повеќе аспекти. Една од особеностите на јапонската култура е и специфичната архитектура која може да се види во оваа земја.
National Art Center A, Токио
Најпрвин да кажам дека не сум архитект и дека не се сметам себеси за некој особен познавач на аритектурата и нејзините достигнувања низ историјата и сега. Можам и да забележам дека многу често не ја разбирам архитектурата, особено онаа модерната. Веројатно за такво нешто е потребно потемелно образование, долгогодишно искуство и следење на разните правци во архитектурата. Не ја познавам ни историјата ни теоријата на архитектурата, ниту пак нејзините најголеми достигнувања низ вековите. Па сепак, и покрај ова што веќе го наведов, се осмелив да напишам текст за моето доживување на архитектурата во Јапонија и желбата неа да ја фотографирам.
Tokyo Sky Tree
Јапонија ја посетив како турист и без некоја однапред подготвена агенда за посета на тамошните најпознати архитектонски достигнувања. Впечатоците од посетата на Јапонија и јапонската култура се позитивни и изненадувачки од повеќе аспекти, секако во позитивна смисла. Една од највпечатливите импресии беше и допирот со јапонската архитектура.
Јапонија е земја на контрасти, а споевите или судирите меѓу традиционалното и модерното можеби најдобро се отсликуваат во архитектурата. Во земјата има голем број совршено сочувани и заштитени стари историски објекти, пред сè замоци, палати и шинтоистички и будистички храмови кои се обележје на доминантните религии во Јапонија. Овие две религии на интересен начин се машаат и коегзистираат во секојдневниот живот на повеќето Јапонци. Односот кон природата на шинтоизмот и едноставноста на будистичката Зен филозофија се длабоко вткаени и во јапонската естетика и воопшто, во јапонската култура.
Kyoto Fushimi Inari Shrine B
Веројатно најважната фундаментална карактеристика на старата јапонска архитектура е употребата на материјали од дрво. Во неа доминира едноставноста и употребата на празни простори со многу малку декорации. Овие елементи се преземени од Зен филозофијата која е дел од будистичката култура и тие се неизоставен дел и во повеќето модерни објекти во Јапонија.
Кога Јапонија ќе почне да се отвора кон останатиот дел од светот по 1868 година, западната архитектура и дизајн ќе почнат да се мешаат со јапонската. Тоа ќе услови и употреба на нови материјали за градба вклучувајќи бетон и челик. Сепак, поголемиот дел од модерните градби од тоа време, особено во Токио, веќе ги нема. Голем дел од нив се уништени во катастрофалниот земјотрес од 1923-та. Токио е повторно обновен и изграден, но само дваесетина години подоцна, во текот на Втората светска војна, градот е речиси целосно разурнат од американските бомбардери.
Осака, поглед од Umeda Sky Building
По војната, Токио ќе почне постепено да се обновува, но поразената и финансиски исцрпена Јапонија ќе нема сила за поголеми и повпечатливи архитектонски дела. Првите поимпозантни објекти се прават пред 1964 година, кога градот е организатор на олимпијада. Се чини дека оваа олимпијада и подготовките за неа значително ќе го сменат изгледот на Токио, но потоа и на цела Јапонија. Имено, во разговор со постари Јапонци дознав дека тогаш ќе бидат започнати повеќе кампањи за разубавување на градот. Ќе се промовира јавната хигиена, чистењето и одржувањето на улиците и зеленилото. Како резултат на тоа, Токио ќе стане еден од најчистите градови во светот, а тој имиџ беспрекорно се одржува и сега.
Осака, Umeda Sky Building
Нешто подоцна, во текот на раните седумдесетти години ќе почнат да се градат првите облакодери во Токио. Ова ќе биде овозможено од употребата на најсовремените материјали и техники кои обезбедуваат стабилни градби и во услови на доста чести и силни земјотреси. Јапонија се наоѓа во зоната на Огнениот прстен и е на едно од најактивните трусни подрачја. Јапонските инженери неуморно ќе креираат и применуваат најразлични техники за заштита од земјотреси, кои подоцна ќе најдат примена и во градбите ширум светот. И денес Јапонија е водечка земја во развојот на анти-земјотресните техники.
Осака, Umeda Sky Building D
Следуваат годините на економскиот бум, кога Јапонија ќе стане втора најмоќна економија во светот. Астрономски високите цени на градежното земјиште, особено во центарот на Токио, ќе условуваат негово ефективно искористување, што ќе доведе до густа градба на високи облакодери. Тоа пак ќе доведе до брза промена на урбаниот пејзаж. Економскиот бум ќе згасне во раните деведесетти, но градбата на високите згради ќе продолжи. Сепак, облакодерите не се единствено архитектурно обележје на Токио и на другите поголеми градови во Јапонија. Јапонските архитекти ќе развијат уникатни архитектонски стилови и дизајн кои ќе бидат вметнати во најразлични градби како музеи, деловни и станбени објекти итн. Тоа ќе ја направи јапонската архитектура препознатлива, а најпознатите јапонски архитекти ќе бидат канети да дизајнираат објекти ширум светот. Во исто време и најпознатите светски архитекти ќе имаат можност да градат во Јапонија.
Токио, Shinjuku C
Автентичен стил на модерна архитектура, под влијание на тогаш најпознатите архитекти како Френк Лојд Рајт, а потоа и Ле Корбизје, во Јапонија ќе почне да се развива уште од почетокот на минатиот век. Јапонските архитекти, како Арата Изосаки и Кензо Танге, ќе креираат сопствени стилови на модерен меѓунардно прифатен дизајн со традиционални јапонски карактеристики. За нас е особено инетересен Кензо Танге чии градби сè уште доминираат во многу делови од Токио. Веројатно Tokyo Metropolitan Government Building (или Tocho, како што скратено ја викаат жителите на Токио) е појдовна точка за посета на градот и едно од најпрестижните предградија на овој град – Shinjuku. Зградата е едно од главните обележја на градот и подолг период била највисока зграда во Јапонија. По формата потсетува на средновековните готски катедрали, но во исто време и на компјутерски чип. Оваа 243 метри висока зграда се состои од две кули, каде 45-от кат е отворен за посетителите и нуди прекрасен поглед на Shinjuku и околните облакодери на висина од 202 метри. Една од импозантните згради кои може да се видат од овој видиковец е Mode Gakuen Cocoon Tower, која се одвојува од околината со својата овална форма. Проектирана е од Tange Associates која пак е основана од Кензо Танге, а градбата била завршена три години по неговата смрт во 2008 година.
Кјото, железничка станица Е
Во Токио вреди да се посети и телекомуникациската кула Tokyo Skytree, која со својата висина од 634 метри е втора највисока градба во светот. Градбата била инспирирана од древните јапонски пагоди. Изградена е од причина што старата телекомуникациска кула Tokyo Tower (висока 332,9 м и изградена во 1958-ма) се наоѓа во зона во која се изградени повеќе високи згради па ефектот од нејзиното користење се намалил. Во близина на Tokyo Skytree се наоѓа зградата на туристичкиот инфо центар Asakusa, проектирана од Кенго Кума, која изгледа модерно, но е со многу традиционални елементи и материјали, како на пример дрвото. Недалеку е еден од најголемите будистички храмови Sensoji, кој е типичен пример за традиционалната архитектура. Накусо, предградието Асакуса го нуди она по што веројатно и е најпозната јапонската архитектура, а тоа е спојот помеѓу модерното и традиционалното.
Јокохама, Minato Mirai 21
Во Осака, пак, најпрепознатлив облакодер е Umeda Sky Building. Зградата е висока 173 метри и се состои од две кули кои се поврзани со кружна платформа на 39-от кат. Ова место нуди отворен панорамски поглед на Осака. Еден од највпечатливите објекти кои може да се видат од тука, е зградата Gate Tower низ која буквално минува улица/автопат.
Токио, National Art Center B
Модерната архитектура во Токио и воопшто во Јапонија, знае да изненади со некои необични форми на малечки куќи во станбените населби, невообичаено дизајнирани храмови и цркви, музеи итн. Јавниот превоз во Јапонија е од витално значење за функционирањето на економијата и е извонредно добро организиран и ефикасен, особено железничкиот превоз. Секако, вреди да се посетат главните жечезнички станици во поголемите градови дури и ако не планирате патување со воз. Тоа особено важи за железничките станици во Осака, Кјото и Каназава. Се работи за огромни мултифункционални објекти кои нудат најразлични содржини, кои не нужно се поврзани само со железничкиот транспорт. И во секој од нив се „спакувани“ повеќе архитектурни изненадувања.
Каназава, 21st Century Museum F
Музеите се исто така одлични архитектурни градби. Интересно е што во голем дел од зградите на музеите во Јапонија влезот не се наплаќа и тие се отворени за посетители. Потребен е билет само за посета на галериите и нивната цена зависи од видот и големината на поставките. Тоа остава простор да се ужива во прекрасните објекти. Таков е на пример National Art Center, кој го има најголемиот изложбен простор во Токио и Јапонија. Пред влезот на зградата е поставен кружен павилјон кој всушност им служи на посетителите да ги остават и безбедно заклучат своите чадори (а во Јапонија често врне дожд и во речиси сите јавни институции има посебно место на кое може безбедно да се остават и заклучат чадорите). Централниот атриум е прекриен со огромна закривена стаклена фасада, а во внатрешноста доминираат два огромни превртени бетонски конуси кои одлично се вклопуваат со закривените форми на фасадата. Музејот е проектиран од познатиот архитект Kisho Kurokawa. Негово дело е и Nakagin Capsule Tower во Токио, едно од најпознатите дела на архитектурното движење Метаболизам.
Хуого, Prefectural Museum B
Друг музеј кој вреди да се посети независно од поставките во галериите, туку пред сè заради прекрасните архитектурни идеи кои се вметнати во неговата градба, е Hyogo Prefectural Museum of Art во Кобе. Проектиран е од Тадао Андо, кој е еден од водечките и најпознати јапонски архитекти на денешнинава. Изграден е како дел од напорите за обнова на градот после катастрофалниот земјотрес од 1995 година. Листата на музеи ќе ја завршам со 21st Century Museum of Contemporary Art во Каназава, проектиран од архитектите Казујо Сеџима и Рјуе Нишизава. Однадвор музејот изгледа како скромно по габарит здание со кружна форма, но се покажа како еден од најинтерсните објекти кои некогаш сум ги посетил. Наспроти надворешната кружна форма, внатре доминираат правоаголните форми на галериските простори.
Сите поголеми градови во Јапонија имаат современи квартови во кои може да се видат најновите дострели на модерната архитектура. Исклучок не претставува ни Јокохама, каде што Minato Mirai 21 е типичен пример за модерно урбано планирање. Изградбата на овој кварт е започната во 1983-та и е лоциран на местото на некогашна индустриска зона. Јокохама со векови била едно од најважните пристаништа во Јапонија, а името на овој кварт значи „Пристаниште од иднината“ (името е одбрано кога 21-от век сè уште бил далечна иднина). Кога веќе споменав пристаниште, во Јокохама се наоѓа и патничкиот пристанишен терминал Osanbashi, чиј кров е претворен во огромно шеталиште со дрвени и тревни провршини.
Токио, Miraikan Museum B
Се разбира, градбите во Јапонија не се направени ексклузивно само од јапонски архитекти, туку напротив, таму може да се видат дела на речиси сите архитекти и компании кои негокаш и сега нешто значеле во светската архитектура, како на пример Ле Корбизје, Френк Лојд Рајт, Рафаел Вињоли, Херцог и Де Мурон, Жан Нувел итн.
Дури и во далечните предградија на јапонските градови каде што преовладуваат постари дрвени куќи, може да се најдат вистински архитектурни чуда, кои заради усогласување со околните градби останале со минијатурни димензии. Има многу такви примери на зачудувачки експерименти и иновативни форми. Најчесто се работи за модерни станбени објекти, но и музеи како на пример Shiba Ryotaro Memorial Museum во Осака проектиран од Тадао Андо, за кој веќе пишував во минатогодишниот јулски број на ПОРТА 3.
Секако дека има уште многу да се пишува за јапонската архитектура, но да се навратам повторно на почетокот од текстов кога нагласив дека ова е само опис на моето доживување на оваа тема. Подготвувајќи го текстот прочитав повеќе написи за оваа тематика, но тоа секако не ме направи експерт во оваа област. Нештата кои не ги разбирам, не сакам ни да ги препишам од друго место за овој текст да добие на широчина или привид за лажна упатеност во тајните на архитектурата. Нека фотографиите што се во прилог кажат нешто повеќе.
Текст и фото: Дејан Колевски, електро инженер