Животните простори се испреплетуваат околу дрвја и грмушки во куќата наречена Чужи (Вител), проектирана од архитектонското биро Wallmakers на некогаш запоставеното место во селото Шулагири, Индија.
Овој спирален дом е делумно вграден во стрмна и карпеста локација која со децении служела како депонија и се сметала за несоодветна за зграда.
Меѓутоа, имајќи поинаков став, клиентот нарачал од архитектите од градот Кочи да ја трансформираат во резиденција што се одигрува на предизвикувачката топографија.
Како што Вину Даниел, основач на бирото Wallmakers, објасни за Dezeen, дизајнот и димензиите на овој необичен архитектонски објект се целосно изведени од положбата на дрвјата и карпестите формации на локацијата.
Архитектот додава дека куќата Чужи е пример за „камуфлажна архитектура“, што значи дека е наменета да се вклопи со околниот пејсаж, наместо да доминира над него.
„Луѓето се опседнати да ги добијат најубавите глетки од своите домови и не размислуваат за фактот дека на крајот нивната зграда ќе го наруши пејзажот. Бевме крајно свесни дека први ќе изградиме објект во овој недопрен предел и сакавме да ја сокриеме зградата. Што е уште поважно, сакавме да се вклопи со пејзажот“, нагласи Даниел.
КАКО ЗМИЈА СВИТКАНА ПОД КАРПА
Може да се каже дека објектот го карактеризираат испреплетени ѕидови и кровен пејзаж, чии елементи се виткаат околу дрвјата и карпите на локацијата и помагаат да се дефинираат различните простори за живеење.
„Иако делува дека спиралите се поставени случајно, па дури и хаотично, секоја од нив беше внимателно планирана и проектирана на лице место, земајќи ги предвид различни фактори. Зградата успева да се вклопи во пејзажот како змија свиткана под карпа на топол ден“, вели Даниел.
Во однос на конструкцијата, спиралните елементи на куќата се изведени од 4.000 пластични шишиња исполнети со бетон, кои се поставени околу дрвјата на локацијата и покриени со земја.
Имено, шишињата се собрани како отпад во радиус од два километри околу локацијата, со надеж дека ќе можат повторно да се користат.
Изведувачите, имајќи ја на ум оваа идеја на архитектите, ги наполниле шишињата со бетон, а потоа ги прекриле со техника слична на набиена земја.
„Оваа техника користи земја, отпаден материјал и разни остатоци заедно со шест до седум отсто цемент, а потоа смесата се излева“, објасни основачот на студиото Wallmakers.
ЧУВСТВО ДА СЕ ЖИВЕЕ ПОД НАСТРЕШНИЦА
Од друга страна, рамните ѕидови на резиденцијата се изведени со градежна техника „cob“ која комбинира глина, песок, слама и вода.
Отворите на куќата се затворени или со стакло или со мрежа за да им се даде на корисниците на просторот „чувство на живеење под настрешница“, а во исто време е овозможена вкрстена вентилација.
Внатре во куќата Чужи организиран е голем дневен простор со отворен план кој вклучува кујна, а е опкружен со две спални соби.
Внатрешните завршни обработки архитектите ги опишуваат како „минималистички“ и се избрани со цел да се спротивстават на необичната и динамична форма на куќата.
Подовите се направени од рециклирано дрво, а некои од спиралните ѕидови се удвоени за да се создадат места за складирање или седење.