Едно крило од зградата на „Баухаус“ во Десау, дело на Валтер Гропиус, е дизајнирано како дом со 28 апартмани од 24 м ² (studio building или Prellerhaus) за помлади наставници и за студенти кои се истакнувале со своите знаења. Приземјето било резервирано исклучиво за девојките, кои тука студирале.
Од пред извесно време, овие апартмани и студија можно е да се изнајмат за да се искуси чувството како живееле некогашните студенти на овој познат образовен институт во доцните 20-ти години на минатиот век. Така, денес, собата на архитектот Алфред Арндт е реконструирана со оригиналниот мебел и останатите предмети од тоа време, а веќе се уредуваат и останатите апартмани, кои треба да бидат вистинско огледало на нивните поранешни станари (Јозеф Алберс, Франц Ерлих, Марсел Броер… ). Ако одлучите и вие да ја посетите школата „Баухаус“, да преспиете неколку денови таму и да ја доживеете некогашната студентска атмосфера во овој институт, треба, исто така, да имате предвид дека тоалетите и тушевите се заеднички, сместени на крај од ходникот, исто каде што и биле некогаш.