Саудиска Арабија е во конкуренција за домаќин на Светското првенство во фудбал во 2034 година, а плановите за овој настан вклучуваат изградба на футуристички стадион во склоп на амбициозниот проект The Line – хоризонтален облакодер долг 170 километри, кој се гради во северозападниот дел на Саудиска Арабија. The Line е замислен како вистинско архитектонско чудо, огромен правоаголен објект со огледала, кој ќе биде дом за дури 9 милиони жители.
Неодамна се појавија гласини за проблеми околу реализацијата на овој проект и намалување на првобитните амбиции, меѓутоа кандидатурата за Светското првенство ја потврдува посветеноста на саудиските власти да ја завршат првата фаза од проектот до 2030 година. Оваа фаза ќе опфаќа 2,4 километри должина, 500 метри височина и 200 метри широчина, со голема вештачка марина. Саудиска Арабија има намера да го засени Катар и неговото искуство во организација нa Светско првенство, а планираниот стадион Neom, кој ќе се наоѓа највисокиот кат на облакодерот, сигурно ќе има клучна улога во тоа. Стадионот кој ќе се наоѓа на височина од 350 метри, ќе користи исклучиво обновливи извори на енергија како ветер и Сонце. Исто така, ќе биде поврзан со одлична транспортна инфраструктура. Но, и покрај сите напори, извесно е дека климатa ќе биде предизвик и за играчите и за публиката. Според достапните информации, стадионот Neom ќе има капацитет од над 45.000 гледачи и ќе биде опремен со најнапредна технологија, вклучувајќи 4K Ultra HD пренос. Овој стадион е најинтересниот од вкупно 15 кои се планирани за саудиската кандидатура за Светското првенство, а изградбата на овој објект би требало да почне во 2027 годна и да заврши до 2032 година.