Мексиканското биро Soler Orozco Arquitectos и архитектот Хавиер Санчез проектирале спа центар, кој е обликувана како пресечен конус и кој добива драматично внатрешно осветлување преку кровните прозорци.
Овој многу необичен објект, кој всушност е проектиран како цела куќа, се наоѓа во планинскиот град Тепозтлан, на околу 50 километри од Мексико Сити.
Вулкански камен во внатрешноста
„Тепозтлан ужива одредена мистичност поради своето предхиспанско минато и својата позната креативна и лековита енергија“. Клиентот на овој проект, страствен спортист, сакаше куќа која ќе биде вградена во околината како простор посветен на подобрување на физичката и емоционалната благосостојба на луѓето“, објаснуваат архитектите за Dezeen.
Објектот е завршен во 2021 година и содржи низа велнес простори во структура во форма на конус, која е внатрешно обложена со вулкански камен. Вклучува теретана, студио за масажа, сауна и ладен базен.
Однадвор, масата на градбата ја сочинува камена хумка на чиј врв е организирана зелена платформа. Овој простор е всушност тераса, која архитектите ја опишуваат како „облик без граници што не може да се сфати како целина“.
Корисниците на просторот влегуваат во објектот одозгора преку отвор кој ја пресекува формата, а скали налик на тунел ги водат внатре, односно до централниот простор осветлен со светларник.
„Кружната основа има радијални простори околу централната зона оставена да постои речиси како празнина, осветлена одозгора со кружен отвор на кровот што ја пропушта сончевата светлина и водата во внатрешноста“, додаваат мексиканските архитекти.
Филтрирање на дождовница во подземни цистерни
„Овој светларник го зазема центарот на зелената тераса на кровот со дијаметар од 20 метри, која функционира како имплувиум за собирање дождовница, која потоа се филтрира во подземни цистерни“, објаснуваат архитектите.
Надвор од кружниот ходник што ја опкружува централната комора, се наоѓаат простории во кои се сместени зони за масажа, сауна и тоалети, додека теретаната на приземјето е поврзана со терасата.
Внатрешноста на објектот е завршена со користење природни завршни обработки, вклучувајќи подови од тули, ѕидови од гипс и дрвени елементи на вратите и мебелот. Поголемиот дел од ентериерот е осветлен со ѕидни свеќници, давајќи му на просторот интимна, подземна атмосфера.
Архитектите истакнуваат дека водечкиот принцип на проектот бил дека спа центарот мора да се вклопи во локацијата без да влијае на пејзажот, а покрај тоа, архитектурата да биде што е можно помалку видлива.
Предвидено е содржината на кровот да биде совршен простор за размислување, место каде што гостите можат да уживаат во зори, самрак, но и ноќе покрај оган или во хидромасажна када.