Насловна / Архитектура / Создавање на големата слика на градот

Создавање на големата слика на градот

skopje_1

Интегративното студио „Скопје 2014 – обрасци на раст“, кое се одвива во деветти семестар под менторство на професорите Огнен Марина, Слободан Велевски и Марија Ману Велевска, го проучува феноменот на растење на градот врз истражувања спроведени низ седум делови на Скопје: Тафталиџе,Чаир, Кисела Вода, Хром, Расадник, Аеродром и Буњаковец и Дебар Маало. Секој од овие делови претставува еден систем кој функционира сам за себе, а истовремено учествува во создавањето на големата слика на градот. Населбите беа анализирани поединечно, мапирани и проучени како мало општество во друго поголемо, кое има други навики, раскажува други приказни, зборува за едни други социјални односи.

skopje_9
Она што ја прави работата во студиото уште повозбудлива е соработката со Техничкиот факултет во Делфт, Холандија, под менторство на професор д-р Класке Мариа Хавик. Станува збор за долгогодишен соработник на Архитектонскиот факултет во Скопје, каде присуствувала но и самата била ментор на неколку летни школи во Осоговски, 2004-House in the edge of transition, 2009 – Terristories, а како гостин предавач беше присутна и на овогодишната летна школа Chapel of Nature. Уредник на престижното списание за архитекура OASE, нејзиното творештво е повеќе фокусирано на анализа и разбирање на просторот преку литература, па така и нејзиното образование е заокружено со докторат насловен „Урбана писменост“. Нејзиното име стои зад изложбата „Елементи“ на Венециското биенале како ко-куратор на темата „Балкони“. На првото предавање, Класке Хавик зборуваше за урбани атмосфери и за искусување на просторот преку сите сетила. Што е тој поим, кој сите го препознаваме но тешко можеме да го опишеме, како можеме да ја фрагментираме атмосферата кога ја сфаќаме како целосност, што подразбираме под квалитетна архитектура? Toa се само неколку од прашањата што се разоткриваа во предавањето. Кога зборуваме за атмосфера, не мислиме само на соба туку и на присуство. Квалитетната архитектура подразбира посредување помеѓу архитектите и корисниците, меморијата и моменталното, јавниот простор и луѓето, експертноста и наивноста, професионалноста и аматеризмот помеѓу целината и делот.

skopje_5
Второто предавање беше под наслов „Transdisciplinary encounters“, каде низ неколку студентски проекти лоцирани во Естонија и Македонија беше прикажано, како преку разбирање на етничката, политичката и културната смисла се доаѓа до конечната архитектонска форма. Главна алатка во овие проекти беше границата како елемент кој одвојува и исклучува во едно просторно поле.

skopje_3
За време на работилницата што се одржа минатиот месец, студентите беа поделени во седум групи, каде секоја од нив соодветствуваше на посебното парче град, а учествуваше и по еден студент од Делфт. Добрата теоретска поткрепа на гостите студенти, како и практичноста и функционалниот начин на работа, што е одлика на нашата школа во Скопје, даде еден извонреден резултат за само неколку дена. Иако навидум неспојливи, соработката помеѓу двата факултети не само што најде заеднички јазик, туку и произведе извонредни проекти и презентации кои ќе бидат од полза за понатамошната работа на двете групи. Преку читање и пишување, колажирање, цртање и моделирање, се дојде до резултат кој се чинеше недостижен во првиот момент, но подоцна нè изненади нивото што го достигна финалниот производ.skopje_2 skopje_7 skopje_6 skopje_4 skopje_8

Испрати коментар

Scroll To Top