Насловна / Архитектура / Современата интерпретација на најновите библиотеки

Современата интерпретација на најновите библиотеки

Објектите на библиотеките традиционално се средишни точки на знаења и среќавања  во поголемите градови. Со својата архитектура проектирани се да инспирираат и зрачат во културниот простор. И додека историчарите 17-тиот век го сметаат за златно доба на библиотеките, современите проекти и реализации најавуваат библиотекарска ренесанса. Ако некогаш беа тихи уточишта за книги, денес благодарение на новите технологии и на иновативниот дизајн не се веќе тоа или не се веќе само тоа.

ALA Architects  20190102 Helsinki Central Library Oodi Calgary_Central_Library,_Canada;_October_2019_(cropped)

Во најмодерните библиотеки на светот ќе пронајдете динамични алатки и простори, од студија за снимање поткасти до лаборатории за развивање на игри. Благодарение на роботските системи за наоѓање книги на безбројните полици во библиотечните депоа, голем дел од библиотечните простори се претвораат во општествени и јавни. Тие направија место за заеднички простори прошарани со уметност. Услугите и просторите на библиотеките еволуираа така што можат да ја привлечат дигиталната генерација. Ако ги погледнете деветте најфутуристички библиотеки  на светот, ќе бидете фрапирани од глетката, содржините и од она што тие им го овозможуваат на своите корисници.

ЦЕНТРАЛНА ХЕЛСИНШКА БИБЛИОТЕКА OODI – ФИНСКА

City of Helsinki 20181203 Helsinki Central Library Oodi

Во земјата позната по тишината, отворањето на новата централна библиотека беше бучно поздравено како главна тема во градот. Објектот обложен со дрвена финска смрека, со површина од 17 250 квадратни метри, наречен Oodi (Ода на фински), е дело на локалното биро ALA Architects предводено од  Juho Gronholm, Autо Nouvs Joki и Samuеl Woolston (одбрани на анонимен конкурс). Библиотеката ја споредуваат со финската величествена сала на Алвар Алто,  инспирирана од санта мраз.

ALA Architects  20190102 Helsinki Central Library Oodi

Дизајнот на ALA го вознемири кој било традиционален модел. Највпечатливи се просторот за читање и полиците за книги кои се на најгорниот кат под брановидниот покрив (кој потсетува на санта мраз правејќи визуелна рима со Finllandia Hall). Другите содржини се стопуваат една во друга преку низа закривени простори кои се сливаат во надворешниот простор.

ALA Architects  20190102 Helsinki Central Library Oodi

Проектирани за дружење на јавноста во срцето на градот, всушност претставуваат граѓанска дневна соба, што е доминантна тема во проектите на библиотеките во последно време, алудирајќи на демократска еднаквост. Подрачјето на дневна соба вклучува: театар, таканаречен Makers Space опремен со 3Д принтери, простор за детска игра, студио за снимање.

City of Helsinki 20181203 Helsinki Central Library Oodi City of Helsinki 20181203 Helsinki Central Library Oodi

За зградата на библиотеката нарачани се уметнички дела од финските уметници Jani Ruscice и Otto Karvonen. Само една третина од библиотечниот простор е посветен на книгите (релативно скромен фонд од 100 000 книги е на полиците во одреден момент).

City of Helsinki 20181203 Helsinki Central Library Oodi

ALA Architects 20181120 Helsinki Central Library Oodi

Oodi ја употребува технологијата и во најосновните сегменти на својата дејност, вклучувајќи роботи за сортирање на книги, што создава нови можности за пристап кон книгите. Дополнителни 3,4 милиони примероци на книги кои ги поседува библиотеката, се достапни преку многу поголем дистрибуциски систем и се сместени со километри далеку во други библиотеки или депоа. Oodi е многу далеку од старата идеја за библиотеките како темни неподвижни и тивки храмови.

ЦЕНТРАЛНА БИБЛИОТЕКА ВО КАЛГАРИ – КАНАДА

k5

Како еден од најочекуваните објекти во Канада во јануари 2018 година отворена е новата централна библиотека во Калгари. Објектот вреден 245 милиони долари, кој го проектираше  архитектонското биро Snøhetta, црпи инспирација од формацијата облаци во облик на лак кои се формираат за време на таканаречените chinook ветрови кои дуваат во Алберта.

k1

k7

Испреплетените шестаголници аплицирани на фасадата на објектот зборуваат за фокусот на колективната заедница. Во разновидните содржини спаѓа и елегантна дигитална лабораторија за учење преку игри и поткастинг програми. Внатрешноста на ентериерот е од западен црвен кедар од локално самоодржливо производство. Со вложување во оваа библиотека градот ја отвори новата врата на иднината која се потпира на култура, креативност и иновација.

k2

Според истите принципи и програми проектирани се и изградени уште седум библиотеки во светот: Националната библиотека во Доха, Катар, Austin Central Library во Тексас, Hunt Library – библиотека на James B. Hunt Jr. во Северна Каролина, Tianjin Binhai Library во Кина, Scottsdale Public Library – Arabian Library во Аризона, библиотеката  The Joe and Rika Mansueto Library  на Универзитетот во Чикаго и Филолошката библиотека во Берлин.  Многу библиотеки во европските градови ја следат библиотечната ренесанса и ги прилагодуваат и постојните објекти на барањата на новото враме.

k3

k4

Инспирирана од ова сознание фрлив поглед на состојбата на нашите библиотеки.  Во градот Скопје како поголеми се издвојуваат Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, изградена во 1971 и Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, изградена во 1970 г. Изградени  во бившата држава долг период тие не се реновирани, освен некои мали интервенции, ниту во нив се забележуваат некави посериозни вложувања и иновации. Поразителна е глетката што неодамна се појави на социјалните мрежи во  НУБ „Климент Охридски“ на која се гледаат руинирани читални, претворени во ѓубришта. Библиотеката е дело на еден од најпознатите македонски архитекти – Петар Муличковски. Со прекрасна модерна архитектура, инспирирана од локалната вернакуларна архитектура што го артикулира македонскиот идентитет, достојно стои во просторот на централното подрачје како тивок храм на книгата. Во поново време извршени се некои интервенции и реновирања во просторот и на инсталациите благодарение на донации од странски амбасади и од неколку домашни компании. Новиот објект до библиотеката сè уште не заживеал, а  се чини дека нема посериозни вложувања во насока на иновативно подобрување на библиотеката во која било смисла, ниту во однос на објектот и просторот, ниту во однос на услугите.

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, дело на наш плоден архитект, Прохирија Хаџи Костова – Пешиќ, позната како Пока, живее со полн капацитет и бележи зголемена посетеност. Вршени се  интервенции и реновирања, но тоа не е доволно. Мислам дека е неопходен сериозен ангажман на државата околу третманот на библиотеките, нивното менаџирање и отворање кон потребите на современите корисници. Тие треба да се реновираат, модернизираат (не барокизираат), бидејќи се неопходни за културното живеење на градот, а воедно се и дел од поновото културно наследство на државата, кое последниве децении на политички превирања се покажа како едно од најранливите. Можеби ќе ми биде забележено дека во време кога е доведен во прашање основниот минимум за здрав живот, јас се занимавам со култура, со потребите од културни институции и потребите на културните институции. Но, ако културата во градот опстојува на гол ентузијазам и ако Скопје е „метропола“ за загадување, ѓубре, заглавени улици, градежна мафија, со право инсистирам да се сврти погледот кон културните институции. Доколку не се разбере значењето на културата и културните институции и нивните потреби, тешко може да се добие битката за здрав живот и опстанок, за идентитет, јазик, чувство на припадност и сè останато со што ни се полни устите во последно време. Кој и да е да е на власт треба да ја сфати сериозноста на проблемите во културата, бидејќи таа е основната движечка сила и лична карта со која се оди во Европа и во светот.

Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top