Хрватското архитектонско студио Proarh изврши реновирање на куќа која оддава почит на традицијата на хрватскиот регион Загорје, користејќи локални материјали.
Старата селска куќа во Загорје е реновирана со комбинирање на модерни архитектонски елементи и оригинални карактеристики на планинските колиби, типични за традиционалната архитектура на областа.
За време на реновирањето користен е локален материјал, слама, како и услуги на мајстори од околните села кои куќата ја обновиле во согласност со правилата на традиционалните занаети.
Куќата, која се простира на три етажи (подрум, приземје и кат), на јужниот дел е изведена во стакло, низ коешто од внатрешноста се нуди прекрасен поглед на околната природа. Преку стаклените врати се излегува на пространа тераса, која се надвиснува над падината.
Специфичноста на објектот е користењето на слама, како на покривот така и на ѕидовите. Сламата е всушност архаичен и подзаборавен градежен материјал во овој регион, кој во минатото за исти цели многу се користел, пишува Designboom.
Бродскиот под кој е користен во внатрешноста продолжува и на терасата на објектот, и на тој начин, уште еднаш ги поврзува внатрешноста и надворешноста, односно ја отвора куќата кон околната природа.