Најсовремената и најубавата градинка „Кочо Рацин“ во Република Македонија, ќе биде готова кон крајот на септември. Општина Центар, за прв пат по 40 години, добива ново катче за сместување и воспитување на децата.
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски вели дека ова е градинка со која ќе се гордееме сите. Во неа се вградени најсовремени, еколошки материјали. Фасадата на градинката „Кочо Рацин“ ќе биде енергетски-ефикасна, со тројна термичка заштита, а за првпат во образовна институција во Македонија се поставува кровен противпожарен панел.
За заштита на здравјето и безбедноста на децата и вработените, подовите се анти-алергени, анти-бактериски и со вградено подно греење. Плафонот се обложува со материјал кој го апсорбира нечистиот воздух и бактериите.
Ѕидовите се винилни, а меѓу просториите ќе има и звучна изолација. Кујната што се гради е современа, според ХАСАП стандардите, и ќе произведува 500 оброци дневно за децата од матичната градинка и двата клона. Децата од Центар ќе добијат градинка каква што заслужуваат, според високите, европски критериуми. Изградбата на новата градинка е дел од проектот на општина Центар, „Работно Лето 2015“.