Веројатно не постои метропола во светот која нуди толку многу, а во исто време толку добро ја крие својата модерна страна. Истанбул е познат, признат како еден од најважните градови во светот, кој со право го носи епитетот на голем, важен град и кој е единствен кој се наоѓа на два континента.
Тоа е град со пребогато културно наследство, каде што е навистина тешко да се одредат најзначајните објекти, а особено епохата кога тие објекти се граделе.
Аја Софија
Сепак, Света Софија, денес пак џамија, а некогаш црква, изградена во 537 година, скоро илјада години, сè до изградбата на катедралата во Севиља, била најголемата христијанска црква во светот, веројатно е најзначајниот објект во градот. Во близина се наоѓа џамијата Султан Ахмед, позната и како Сина џамија од 1609 година, неверојатна градба која се смета за најголема џамија од класичниот отомански период (1437-1703).
Сина џамија
ИСТАНБУЛ И РЕНЦО ПИАНО
Оваа година, 2023 е значајна во историјата на современата архитектура на Истанбул бидејќи беше завршен и отворен Истанбул Модерн Музеј, објект потпишан од студиото Ренцо Пиано + Аруп. Се наоѓа на самиот брег во квартот Топхане. Објектот има простор од 10.500 квадратни метри, каде се сместени големи галерии, мултифункционални сали, предавални, канцеларии и комерцијален простор. Основата на скелетниот систем ја сочинува систем од кружни столбови на растојание од 8,4 метри. Кружниот пресек на столбовите служи да го намали односот светло/темно кај сенките што ги фрлаат столбовите во просторот.
Истанбул Модерн Музеј
Во приземјето се наоѓа јавен простор, инфо пункт, кафетерија, книжарница, како и простор за работилници. На горните нивоа, кои се поврзани преку централен атриумски простор, има изложбени простори. Ресторанот, кој се наоѓа на јужната страна има излез на тераса со поглед на море. Објектот има специфичен изглед на зградите кои ги работел Ренцо Пиано, помалку индустриски, технолошки и како објект што може да се најде во некое пристаниште, што потсетува на потеклото на Ренцо Пиано, кој како момче со неговиот татко ги посетувал зградите во пристаништето во Џенова.
Истанбул Модерн Музеј
АЕРОДРОМ СО ФАСЦИНАНТЕН БРОЈ ПАТНИЦИ – 64.500.000
Голем број посетители во Истанбул доаѓаат преку новиот истанбулски аеродром, кој се наоѓа на околу 40 километри од центарот на градот и е изграден како гордост на турската држава со идеја да биде најголемиот аеродром во Европа, што според податоците за 2022 година и е, со фасцинантни 64.500.000 патници.
новиот истанбулски аеродром
Проектиран од компаниите Гримшов, Нордик офис оф архитекчр и Хаптик Архитеката од Лондон и Aруп кој го направи урбанистичкиот план, кога ќе достигне капацитет ќе може да опслужува 150 милиони патници годишно. Грандиозноста на објектот е изразена на секој чекор со многу интересен ентериер и решение на плафонот со панели кои го пропуштаат и го менуваат правецот на дневната светлина.
новиот истанбулски аеродром
ЗНАЧАЈНИ МОДЕРНИ ОБЈЕКТИ
Во лавиринтот на улици, бескрајните квартови на Истанбул, се наоѓаат следниве значајни модерни објекти:
Културниот центар Ататурк, отворен во 2021 година, проектиран од турското архитектонско студио Табанилоглу. Куриозитет на објектот е што фасадата што постоела претходно е преработена, но тоа е направено со нова технологија. Објектот располага со опера, театар, библиотека, музички центар, кафетерии и продавници.
Културниот центар Ататурк
Истото студио го потпишува Зорлу центарот од 2013 година, комплекс од згради, кој содржи комерцијален, сервисен и станбен дел кој се наоѓа во квартот Бешикташ.
Зорлу центарот
Пред една година Истанбул доби уште еден објект кој ја негува уметноста, Истанбулскиот музеј на сликарство и скулптура, проект на бирото Емре Аролат од Турција. Музејот има специфична форма на изразени лебдечки коцки кои излегуваат од правилна ортогонална структура.
Истанбулскиот музеј на сликарство и скулптура
Фиташ пасаж е објект кој се наоѓа на најпознатата пешачка улица Истиклал, која е позната по трамвајот што сообраќа по средината на пешачката улица. Проектот ја вклучил адаптацијата на постоечка зграда од шеесеттите години, која добила нов сјај. Првиот чекор бил нова фасада, додека подоцна е предвидено да се додадат нови простори за концертна сала, книжарница, кино, геј клуб, музичко студио, ресторан и куглана. Фасадата се состои од вертикални елементи, кои можат да се ротираат во зависност од функцијата внатре во зградата.
Фиташ пасаж
Исто така вреди да се спомене и станбениот објект Арквиста од 2015 година, кој се наоѓа во квартот Кадикој, зграда проектирана од студиото Аркизон, вертикален објект од 14 ката, обложен со тесни алубонд панели, каде што се рефлектира небото, панели Кале синтерфлекс со камен дезен. Панелите се тесни за да се ублажи ширината на фасадата, а на секои три ката има хоризонтална поделба за да се избалансира висината на самиот објект.
станбениот објект Арквиста
Покрај објектите од високоградбата, не може да се зборува за градот на брегот на Босфор, а да не се спомнат неговите мостови, пред сè Босфорскиот мост од 1973 година, кој има вкупна должина од 1.560 метри и се наоѓа на 64 метри над морето.
Босфорскиот мост
Мостот Јавуз Султан Селим се наоѓа северно од градот, долг е 2.164 метри, а отворен е во 2016 година. Освен мостовите, едно од современите светски чуда е и тунелот Мармарај, кој ги поврзува европскиот и азискиот брег. Тоа е најдлабокиот тунел во светот, сместен на 60,46 метри под површината на морето.
Мостот Јавуз Султан Селим
Истанбул е град кој навистина има многу да понуди, љубителите на модерната архитектура треба добро да се подготват за обиколка на сите значајни објекти на овој неверојатен град кој живее како на брегот, така и на морето.
Тоа е град во кој на секој чекор се видливи неговите слоеви на историја, освојување и уништување, неговиот магнетски привлечен дух за многу народи и култури, кои тука оставиле своја трага и кои и денес оставаат свој печат, на веројатно градот кој најмногу може да го носи епитетот голема европска културна престолнина на средбата на историјата и иднината, културите, луѓето, вкусовите и боите. Покрај сето она што го има, Истанбул има и богата современа архитектура, помалку срамежливо скриена во времето и непрегледниот простор.
Автор: Ѓорѓе ЈОКИЌ, дипл. инж. арх.
(Специјално за Порта 3 од Истанбул)