Насловна / Архитектура / Современ регионален центар за ортопедија, физикална терапија…

Современ регионален центар за ортопедија, физикална терапија…

На Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје  под менторство на проф. м-р Викторија Еремеева од страна на м-р Силвија Шалева беше изработен магистерски труд на тема: Современ регионален центар  за ортопедија, советување и научно истражување во Република Македонија. Станува збор за актуелна тема во 21 век. Од една страна болниците за рехабилитација, наспроти зголемената потреба од физикална терапија и медицина од друга. Да се покаже како нивната архитектура и опкружување директно влијаат врз човекот и човековото тело. При проектирање на болници, како институции кои служат за подобрување на човековото здравје, она што е важен фактор е како преку создавање одредени простори  или атмосфери се влијае на значително побрзо закрепнување на пациентите. Со тоа се поставува прашањето, како архитектурата всушност влијае, или кои се принципите според коишто треба да се проектира болница?

Опкружувањето, односно природата и амбиентите со зеленило се нераскинлив дел од концептите на болници за физикална терапија, кои притоа се примарен фактор при процеси на рехабилитација и терапија. Kонцептот за спојување на спортско-рекреативен простор и болница за физикална терапија и рехабилитација го менува класичниот модел на болничка институција. Се создава социокултурен модел кој дозволува посетителот на спортско-рекреативната зона и  пациентот во болничкиот комплекс да осознаат, совладаат или да научат начини за заемен соживот, интеграција и да надминат одредени пречки.

Инволвирањето на повеќе функции со едукативен, научно-образовен, комерцијален и спортско-рекреативен  карактер, покрај основната односно покрај здравствената функција придонесува за поголем број на посетители и корисници. Со таквата постапка креираме хибридни простори. Места кои се производ од спојување на повеќе функции кои овозможуваат различен спектар на доживувања. Потребите на пациентите и останатите корисници на спортско-рекреативната зона преку социолошко-културните фактори задаваат позиција која ги обединува.Model

Што значи долгорочен престој на пациенти во болничка институција, и како со помош на опкружувањето и архитектурата тој процес значително се намалува. Архитектурата или изградената структура е нешто што влијае на исцелителниот процес. Создавањето на одредени амбиенти или атмосфери се стимулирачки фактор за пациентите. Употребата на одредени бои и количеството на дневна светлина преку игра со сенки е дизајнерски пристап, но и стимулирачки фактор во ентериерот, кој влијае на одредени индивидуи.

Поставувањето на одредени архитектонски елементи, пред сè треба да нуди безбедност при движењето на лицата со телесни пречки и дисфункции. Воедно е и важен фактор кој може да придонесе и влијае за побрзо закрепнување или заздравување на одредени психолошки или физички состојби. Архитектурата дефинира простори за одредени намени, дизајнот креира можност за доусовршување на тие простори со цел да се формираат места кои поттикнуваат, стимулираат и помагаат на заздравувачките процеси.Model

Предвидената локација на овој објект е во реонот на Општина Гази Баба во Скопје, од левата страна на реката Вардар, со контекстуално опкружување од истоимената парк- шума Гази Баба. Периферно на локацијата има веќе постоечка мрежа на трим-патека како дел од спортско-рекреативната зона, а при проектирање на овој објект не се нарушува нејзината функционалност. Изборот на локација е спроведен според клучни аспекти кои се карактеристични за ваков вид на објекти. Тие се: опкружувањето со високо и ниско зеленило како постулат за креирање атмосфера за пократок болнички престој, пристапност до локација како фактор и парк-шумата која претставува спортско- рекреативна зона која создава можност за надоврзување со болничкиот комплекс.

Покрај тоа што навидум се работи за две неспоиви функции според намената и корисниците, при процесот на  анализа и проектирање согледано е дека она што претставува простор за спорт и рекреација и она што претставува простор  за рехабилитација на моториката на човековото тело се во тесна корелација, и не случајно е направен изборот на локацијата. Обезбедувањето на три простори на интервенција на локацијата е одговор на можната интеграција меѓу нив.

Во првата зона се врши интервенција со тоа што покрај спортски терени за кошарка, одбојка и бадминтон се поставуваат и детски игралишта со тематски зони на рекреација. Предвидено е оваа зона да биде отворена и со можност за пристап на инвалидизирани лица кои секако го користат спортско-рекреативниот дел од локацијата.

Во втората средишна зона на локацијата според утврдените параметри, односно природно-географските карактеристики на локацијата, предвидено е структурално решение кое се развива низ повеќе нивоа, но е делумно вкопано во терен. Она што е примарно како постулат во овој труд е тоа објектот со својата архитектура да се интегрира и вклопи во природниот амбиент и топографијата. Следејќи го теренот во пад формиран е блоковски систем на објекти кои се ротирани под одреден агол за да формираат затворена целина која од  север и запад е вкопана, додека од источната страна, каде што се наоѓа и главниот влез во објектот се прави надоврзување на објектите преку мост кој го надвисува влезниот простор и ги поврзува Секторот за физикална терапија и Секторот за ортопедија, а пак од јужна страна формирана е променада на ниво на терен која само ја дефинира структурата на објектот и воедно ги поврзува блокот за администрација и ортопедија со блокот за ресторан. Притоа како доминантен елемент кој е видлив во просторот е стационарниот блок кој визуелно лебди во просторот оформувајќи слободна површина под него, која е дел од зоната за рекреација. Според предвидената дисперзија на функции и создавање блокови се оформуваат два внатрешни двора од кои според корисниците предвидено е едниот да е јавен со оглед на тоа дека јавните функции се ориентирани кон него, а кој покрај тоа што ги опфаќа корисниците на болничкиот центар ги опфаќа и корисниците на спортско- рекреативната зона или Научно-истражувачкиот центар при што се врши интеграција на корисници. Додека, пак, кон вториот внатрешен двор ориентирани се дел од терапевтските простории за рехабилитација и простории од научно-истражувачкиот блок, со што е формиран мирен и интимен простор за корисниците на болничкиот центар.08_Пресек

Третата горна зона на локацијата е мирна зона. Каскадно поставени во однос на теренот се предвидени градини за терапија, и практично парковски простор за одмор кој е дел од болничкиот стационар, но е отворен и за корисниците од спортско-рекреативната зона.

Архитектонското и функционалното решение на објектот е дефинирано како периматрален блок составен од повеќе независни блокови. При процесот на проектирање дефинирани се  пет блокови кои се разликуваат според функцијата и типологијата. Пристапот за пациенти и корисници се одвива преку новопредвидена улица од источната страна за автомобилски и пешачки пристап со влезови во првиот и вториот блок. Периферно на објектот проектирана е подземна сервисна улица за економско-технички потреби. Оваа улица служи на третиот блок каде е влезот за вработени, влезот кон кујна и останатите економско-технички простории.

Проектот за центар за рехабилитација опфаќа концепти на простори за исцелување односно закрепнување, создавање на слободни простори за терапија, кои се дел од зоните за циркулација во објектот сè со цел да се добие динамична, но и поразлична перцепција за начините на третман при терапевтските методи.fasada istok

Функционалната програма во објектот и спортско-рекреативната зона е спој од повеќе функции како директно применета физикална терапија со движење, терапија преку рекреација, акупунктура, масажа, но и преку процесите на советување, нутриција и социјално-интегративни процеси. Секако со нивно групирање и поврзување се прикажува одразот врз пациентот за потребното ниво на терапија и временски рок за заздравување, од оние на кои им е потребна постојана помош и физикална терапија, до оние кои примаат повремено одреден вид на терапија, но се фокусирани на враќање мобилност и физички капацитет и оние кои се подготвуваат за независен живот како дел од одредена заедница. Со цел да се промовира што повеќе движење, во зоните за комуникација се предвидени дополнителни простори кои се соодветно опремени за да стимулираат поттик за одредено движење или пак извршување на некоја вежба.014_фотографија од модел (1)

Како спојувањето на функции влијае на архитектурата, односно како различноста на просторите и атмосферите се преклопуваат прикажано е во идејното проектно решение со кое се заклучува процесот на истражување и проектирање. Одговорот за тоа како се воспоставуваат врските кои се зададени, карактеристиките на локацијата кои треба да се проучат, негата на пациентите и односот кон останатите корисници се препознава преку архитектонската целина која нуди различни атмосфери, дефинирани отворени простори, јасно дефинирани влезни партии и скулптурална архитектура која нуди искуство, и поинаков начин на перципирање на здравствените објекти.fasada sever (1)

Изработи: Силвија ШАЛЕВА

Ментор: проф. м-р Викторија ЕРЕЕМЕВА    

Испрати коментар

Scroll To Top