Предмет на работа во овој ентериер беше стан за домување на една млада личност. Станува збор за студио, коешто зафаќа површина од 34 м2, а се наоѓа во објект од ниска станбена структура во населба Лисиче во Скопје.
Концептот се формираше пред сé според желбите на инвестирот, кој сакаше современ стан со голема функционалност и леснотија во изборот на материјалите.
Имено, водејќи се според новите трендови за внатрешно уредување, добивме простор кој без преградувања одговара на своите барања.
Во станот постои мал претпростор, кој е дел од дневната соба, потоа екстровертна кујна, бања и една спална соба, која исто така е делумно преградена со мебел. Овде постои можност за ротација на телевизорот како би се користел наизменично по потреба во двете простории.
Употребувајќи го минимализмот и современиот пристап во дизајнирањето на мебел добивме уникатен и разигран амбиент со одредени елементи во попартистички манир, кој мошне се вклопува во динамичната природа на сопственикот на станбениот простор.
Изведбата на целокупниот мебел беше предвидена од oплеменета иверка во бела и жолта боја во комбинација со метални сегменти во црна боја.
Изработил: Проектантски тим на БИРОПРОЕКТ, Скопје
Фото: Костадин Калошев