Ова поранешно кино во Алмати, најголемиот град во Казахстан, беше најголемиот објект од ваков тип во Централна Азија, а неговото претворање во центар на современата култура започна во 2018 година, според проектот потпишан од британскиот архитект Асиф Кан.
Кога проектот ќе биде завршен, ќе се роди првата независна културна институција во Казахстан. Името на објектот „Целини центар за современа култура“, е инспирирано од оригиналното име на киното, каде што зборот Целини доаѓа од рускиот збор „целина“, што значи неразвиена, но плодна земја.
Зачувување на формата и бетонската рамка
Оригиналната зграда датира од 1964 година и нејзината архитектура може да се окарактеризира како модернистичка, без украси и во согласност со типичните советски принципи. Проектот на Кан зачувува голем дел од постоечката архитектура, вклучувајќи ја формата и бетонската рамка.
Холот и крилата на зградата се реконструирани со оглед на тоа што не ги исполнувале денешните сеизмички стандарди, а останатиот дел од внатрешноста на зградата дополнително е конструктивно зајакнат.
Со реконструкцијата на холот овозможено е да се додаде пристапна рампа, за да може лесно од објектот да се пристапи во околниот пејзаж.
Карактер на екстериерот на објектот ќе му даде фасадата, која ќе биде изработена од брановидни челични решетки и панели од бетон, кои имаат и функција на засенчување на внатрешноста на објектот.
Целта на оваа фасада е да се спротистави на модернистичката архитектура на оригиналната зграда, „создавајќи слој на омекнувачка белина низ кој поминуваат посетителите“, вели Кан.
Исто така, на фасадата ќе бидат претставени мотиви кои претставуваат апстрактна интерпретација на оригиналниот графит на зградата на уметникот Евгениј Сидоркин, кој го прикажува традиционалниот казахстански живот.
Зачуваниот аудиториум висок 18 метри ќе биде повторно отворен кон надворешноста со лента од прозорци на ниво на приземје, максимизирајќи ја природната светлина и погледите на надворешноста.
Овој атриум е поврзан и со реконструираните крила, кои се трансформирани во галерија, работилница, библиотека, деловен простор и книжарница.
Отворање во април
На кровот на објектот ќе бидат организирани тераса и ресторан, кои ќе и оддадат почит на областа на Алмати која порано се нарекувла Бродвеј. Тоа било градска зона составена од паркови, плоштади и знаменитости кои архитектот Кан ги опишува како „клучни за златната ера на градот како главен град на Казахстанската Советска Социјалистичка Република“.
„Мојата цел не е само реновирање на советските остатоци, туку откривање на Целина каква што никогаш не била, овозможувајќи иднина што ќе ја дефинираат следната генерација уметници и публика. Инспириран од идеите на институцијата и нејзината визионерска програма, овој простор, и архаичен и футуристички, нуди единствена можност за уметниците да го засадат семето на трансформативното креативно истражување“, објасни Кан.
Објектот се очекува да биде отворен во април годинава, а се планира да стане мултифункционален простор за различни настани, од уметнички изложби до перформанси и филмски проекции, со акцент на поддршка на креативците од Казахстан и Централна Азија.