Советниците на општина Центар ја донесоа, како што велат, историската одлука за основање на ново општинско основно училиште „Капиштец“.
За одлуката гласаа 23 советници од сите политички партии застапени во Советот.
Децата од најголемата населба во општината, конечно, добиваат свое училиште. Ова беше дамнешно барање на родителите за кое редовно на избори од политичарите добиваа ветување. Но сега, 500 деца на возраст од шест до петнаесет години ќе можат да се образуваат во модерно и функционално училиште.
Таканаречената „школа-парк“ ќе се наоѓа во Капиштец, на улиците „Васил Ѓоргов“ и „Адам Мицкијевиќ“ и ќе се простира на 10.600 м2, со планирана површина за градба на објектот од 3142 м2.
Училиштето ќе биде изградено со примена на современ архитектонски израз и високо-квалитетни материјали. Ќе се учи преку интерактивни табли, учениците ќе поседуваат таблети, поврзани со безжична интернет мрежа. Кабинетите ќе бидат опремени со најсовремена опрема, неопходна за квалитетно образование на децата. Греењето ќе биде подно и во секоја училница ќе има спроведено вода. Во зимски услови, водата во тоалетите ќе се грее преку топлопната мрежа, со што ќе се постигне идеална температура во просториите.
Ќе биде овозможен соодветен пристап на лица со посебни потреби, до и во внатрешноста на објектот. Ќе има заштитна тампон зона меѓу влезот во училиштето и околните сообраќајници, со обезбеден паркинг за посетителите и родителите.
Заложбата на општина Центар за заштита на животната средина ја покажуваат и планираните зелени површини и ботаничка градина.