Светот памети голем број уметници кои едноставно го презирале успехот. Ги има многу повеќе оние кои само се труделе. Онака за јавност, посочувајќи дека глорифицирањето на успехот го загрозува идентитетот и ја омаловажува креативноста. Уметност заради уметност, е фразата што најдобро ги дефинира овие ставови.
Пабло Пикасо не бил еден од нив. Како и во се, сакал да биде поинаков, а во тоа недвосмислено успевал.
„Често се вели дека уметникот треба да работи за себе, за ‘љубовта кон уметноста’ и дека треба да има презир кон успехот. Ова не е вистина! На уметникот му треба успех”, му рекол Пикасо на својот пријател, револуционерниот фотограф на мистериозните париски сцени од 20 век, Брасаи на 3. мај 1944 година, пишува Artsy.
Прочуениот шпански сликар ова не го кажал случајно. Говорел од искуство. Иако почнал скромно, со години одбивал да ја „издаде“ својата уметничка визија, не осврнувајќи се на актуелните трендови или критиките на влијателните луѓе. Верувал дека уметникот никогаш не треба да ги напушти своите креативни страсти, истакнувајќи дека истрајноста е клучниот фактор. Дури и кога финансиската сатисфакција доаѓа бавно, токму тоа ги наградува оние кои ја создаваат работата што сакале да ја работат, а не работата што би требало да се направи и која може да донесе брза заработувачка.
„Секое поднесување, станува неподносливо“
Резултатот е јасен – креативно задоволство, светска слава и огромно богатство. И тоа за време на животот… Токму затоа е важно да се обрне внимание на неговиот рецепт.
Тоа е најјасно во разговорот со Брасаи (се работи за редовна дискусија за креативноста и инспирацијата што фотографот ја снимил, а потоа е објавена во книга од 1964 година), каде што е јасно дека за Пикасо успех и бескомпромисна посветеност на занаетот одат рака под рака. Тој го убедувал својот пријател да не се ограничува креативно и финансиски, криејќи ја својата работа. „Кога имаш што да кажеш, да изразиш, секое поднесување станува неподносливо на долг рок“, му велел Пикасо на својот пријател: „Човек мора да има храброст за својата професија и храброст да се живее од својата професија. И јас често бев скршен и одсекогаш се спротивставував на секое искушение да живеам на друг начин, а не како сликар. На почетокот не ги продавав сликите по висока цена, но ги продадов. Моите цртежи, моите платна отидоа. Тоа е важно“, го советува Пабло.
Својот успех го сметал и за одговорност да им помага на другите. Бил остроумен бизнисмен, како што истакнал Џон Бергер во неговата биографија за успесите и неуспесите на Пабло Пикасо (1965), и тој рутински ги советувал своите помалку разумни пријатели уметници за важноста на маркетингот и продажбата. Така, на пример, тој ги поставил делата на Брасаи околу својот дом за време на посетата на париски галерист.
„Мора да бидат изложени и продадени. Остави ми го тоа мене, јас ќе се погрижам за тоа. Но, не ги вреднувај премногу. Важно е да се продадат во голем број, бидејќи тие дела мора да излезат пред светот“, му рекол Пикасо на својот пријател Брасаи. И навистина, експериментот успеал.
Матис испраќал портокали, Пикасо продавал слики
Дури и славниот Анри Матис профитирал од деловната способност и уверувањето на Пикасо дека уметниците мора да бидат успешни, и дека успехот не би треблоа да биде ограничен само на неколку избрани.
„Секоја година му испраќам на Пикасо гајба со портокали. За возврат, Пикасо ми испраќа клиенти“, му рекол Матис на Брасаи во 1946 година.
Пикасо беше единствен како во уметноста, така и во завидното ниво на успехот што го постигна. Почина во 1973 година како многу богат човек, кој заработил и слава и пари од својата уметност.
„Зошто да им се остави успехот на најпродаваните сликари? Секоја генерација има свое. Но каде пишува дека успехот секогаш мора да оди кај оние кои го задоволуваат вкусот на јавноста? Сакав со мојот пример да докажам дека можеш да имаш успех и наспроти сите и сè, без компромиси“.