Го пренесуваме соопштението на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД околу предлог мерките за намалување на аерозагадувањето во Скопје.
Загадувањето во Скопје со години е проблем на сите негови жители, а со тоа и на секоја власт. Колку побрзо се почне со спроведување мерки кои меѓусебно се надополнуваат и си го зголемуваат позитивниот ефект врз квалитетот на воздухот – толку побрзо ќе го решиме овој долгогодишен проблем.
ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД предлага 6 мерки кои треба веднаш да се спроведат и 9 кои треба да се спроведат во наредните 3 години. Со овие мерки се заокружува логична целина и тие водат кон една иста цел – одржлив развој на Скопје.
Предложени се мерки за третман на отпадот според концептот „нула отпад“, мерки за сообраќај според превртена сообраќајна пирамида каде што се дава приоритет на најранливите учесници во сообраќајот, мерки за обезбедување енергетска независност на Град Скопје и неговите жители кои воедно се и механизам за борба против енергетската сиромаштија, како и мерки поврзани со точно лоцирање на изворите на загадување во реално време и инспекциски надзор за контрола на загадувачите.
Целосната листа на мерки е достапна тука: https://mojgrad.mk/blog/predlozi-za-namaluvanje-aerozagaduvanje-preku-grad-skopje/
Оваа листа на мерки ја пративме до сите советници на Град Скопје и до градоначалничката. Целта на ЗХГ е сите заеднички да изградиме консензус по прашањето и како локална самоуправа да спроведуваме активности кои се комплементарни, логични и се темелат на најновите научни сознанија, анализи и мерења. Само така можеме да придонесеме за почист воздух во Скопје.
Преголема е цената во човечки животи што ја плаќаме, за загадувањето да продолжи да биде злоупотребувано за меѓупартиски пресметки. Сите го дишеме истиот воздух! Затоа, решенијата мора да ги носиме заедно и тие мора да се засноваат на наука, факти и непобитни докази.
Активисти на Граѓанска иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД
Како и секогаш, промашени предлози…
Загадувањето е од ГРЕЕЊЕ НА ДРВА во населбите околу центарот!