Од стрип-фантазија во 70-тите, до ароматична пареа на една добро „искрчкана“ идеа. Од детска радост во форма на електрични автомобили по пластична „шина“, до лабораториски модел со енергетско-еколошка „налепница“. Соообраќајните површини кои ќе можат да придвижат, осветлат, означат и снимат, заокружија еден (ментален иритација-прототип) инкубациски период со солидно време на технолошко минување. Во јасниот инженерски резон и иновативниот идеен сплет на еден Scott…
Вселената е бесконечна. Материјата не е. Човековата инвентивност е несопирлива. Техничката еволуција на еден продукт не е. Сообраќајот со својата инфраструктура, хм… веројатно по малку од сè. Како сериозна играчка чиј механизам повремено зачкрипува по што, со деловите од неколку други, се составува нова, поинтересна. И пополезна…
Scott Brusaw
Во еден универзум паралелен на нашиот, улиците и патиштата сами ги регистрираат и проценуваат своите оштетувања, дојавувајќи им го тоа на надлежните служби; нивната последователна интервенција не трае подолго од еден просечен појадок. Сами ги детектираат возилата што се движат непрописно и за тоа ги алармираат полициските патроли, а истовремено јасно ги означуваат предупредувајќи ги останатите учесници во сообраќајот. Со „холивудски“ потенцијал да ги онеспособат за движење до пристигнувањето на сино-белата „екипа“. Како во сон или на филм, или… можеби сепак не.
Постојат одредени состојби на умот, многу чести поточно, кои го имаат тој материјален ефект. Кога се сонува, а сонот станува константа на вербата и дејствувањето на единката до некоја еурека. Нешто како лично житие кое „води“ и го „осветлува“ патот, во кое соларните улици и нивниот широк оперативен потенцијал прераснуваат во круцијалност која ни од далеку не зрачи со будалаштина. Полувековниот професионален „компас“ на американскиот електроинженер Scott Brusaw, да им даде поширока смисла на соларните површини за одвивање на сообраќајот, веќе некое време поседува јасна техничко-оперативна физиономија. Во пазувите на неговата трпеливост, во очекување на институционалната и спонзорската наклоност. За да го одживее до крај својот долг детски сон.
Формат на соларните панели
Модуларен „Супермен“
„Брачниот успех“ помеѓу соларните панели и употребливоста во форма на уличен/патен застор е содржан во нивната механичка издржливост. Во Brusaw концептуалната визија горната граница на овој Рубикон е срамнета со осовинскиот притисок на најкрупните возила кои ги „абат“ патиштата ширум САД. На пример оние што превезуваат рафинериски уреди и опрема. Поместувањето на масената издржливост, паралелно со сознанијата за вкупната тежина на возилата за различни вонгабаритни товари, резултирал со изработка на панелен материјал кој може да издржи притисок од речиси 114 тони!
Па сепак, конструктивната супремација на овој структурален „супермен“ не ја прејудицира неговата неуништливост. Поставувајќи ги хоризонтите на неговата механичка издржливост, товарните возила, со својот изразен и груб габарит, се истовремено и неговиот „криптонит“. При посериозна сообраќајна незгода на пример, пропратена со превртување на некое од нив. И тука до израз доаѓа базичната генијалност на целокупниот концепт за покривање на сообраќајната инфраструктура со панелен материјал од соларен тип – неговата модуларност! Оформени во вид на правилни шестаголници, оштетените сегменти лесно се заменуваат со отстранување на четирите предвидени завртки. До крајот, нели, на оној појадок од почетокот на приказната. Кој е зачинет со „десерт“ од уште една концепциска мудрост, во потенцијална форма на систем за детектирање на оштетувањата.
Можноста за константна електронска комуникација помеѓу соседните модули како потврда за нивната функционалност, е замислена како основ за нивно ефикасно и исплатливо одржување. Прекинот на таа комуникација при оштетување на еден или повеќе модули може, без потреба од посложени технички решенија, да се преведе во далечински сигнал за нивниот број и точната стационажна позиција. И тоа е тоа. Концептуално-функционален „подарок“ по кој сето останато зависи само од вештината на теренските екипи.
Натпис на соларниот пат
Безбедоносен „пресинг“
За кое возило и да се одлучите, колку од нив и да се „ројат“ околу вас, соларните патишта нивната употреба можат да ја направат уште побезбедна. Акорд на една нова симфониска увертира, „отсвирена“ само на сензори, LED-диоди и детекторски камери. И без удирање со главата во рапавиот ѕид на сообраќајно-безбедоносните последици и рецидиви.
Транспарентноста на панелниот материјал би овозможила симнување на камерите за собраќаен надзор од крајпатните односно крстосничките носачи и нивно „вкопување“ на само пар десетина сантиметри под возилото. Чија регистерска табличка, во случај на предизвикан прекршок, не може да остане нерегистрирана. Решение кое по секој основ би ги релаксирало напорите на индустријата за опрема за сообраќаен надзор, која на моменти води нерамноправна битка со перформансите и градбата на возилата, можните сообраќајни и метеоролошко-амбиентални услови.
Преминувањето на полната линија три пати на растојание од само една милја (~1,6 километри) полициските служби на некои САД федерални единици го сметаат како знак за можна алкохолизираност на возачот. Која бара превентивна проверка на потенцијалниот прекршител, под услов возилото и неговата насока на движење на време да се детектираат. Вистински момент „гудачката секција“ од сензори и LED-диоди да го отсвири своето ситно pizzicato!
При што нежниот и непрекинат сензорски допир на возилото од „под патот“ би бил трансформиран во електричен диоден импулс, кој на патната подлога ќе ја маркира позицијата на возилото дури и кога тоа се движи. И, директно или преку централниот оператор, ќе ја пренесе до најблиската полициска патрола. Во форма на подвижен прстен на пример, ваквото маркирање на целното возило би претставувало јасно предупредување и за непосредните учесници во сообраќајот.
Во случај на сообраќајна незгода, безбедоносните услови во зоната на настанот добиваат малку поинаков „профил“. „Исцртан“ со алтернативна сигнализација за известување на возачите и пренасочување на возилата. Камионското довлекување на табли и знаци, и употребата на човечки фактор за регулирање, лесно може да се „стопи“ во настанатата конфузија предизвикувајќи контра-ефект. Љубителите на практичните толкувања ќе потврдат дека водилките на асфалтот сепак немаат посериозна алтернатива. Спонтаното посегнување по диодите што прават чуда, овде се чини и повеќе од логично.
Изглед на соларните панели
Инсталирани во транспарентната панелна подлога со потребната густина, лесно можат да ја изменат редовната во привремена конфигурација на сообраќајните ленти заради пренасочување на токовите возила. Како што можат да извршат и навремено информирање на возачите што се во приоѓање, доколку бидат осветлени во конфигурација на порака „испишана“ на самиот панелен коловозен материјал.
И уште по нешто…
Во оној паралелен универзум REM-фазата на ова технолошко инкубирање има поширок сонувачки хоризонт. Кој нема да ги принудува возачите на тешките камиони да го прекинуваат патот заради обврзувачкото мерење на натоварените возила. „Накалемена“ со сензори од соодветен тип, улогата на мерен уред на камионите во движење може да ја одигра една од расположливите сообраќајни ленти. Крајната десна кај градските улици на пример или лентата за запирање кај автопатиштата. Истата технологија може да биде искористена за предупредување на возачите за присуството на помали, нестандардни товари на патот во потенцијално опасна форма на залутано животно или испаднат товар. Осветлената „ОПАСНОСТ“ или „ЗАБАВЕТЕ“ конфигурација на LED-диодите во такви случаи е превентивата што спасува животи.
Во склад со идејната матрица дека она што може да детектира, означи и дојави треба да може и да придвижи, оваа визија остава креативен простор за нови продолженија. Нешто како филм со недовршена последна сцена. Електричните возила на прво место, иако кабастата индукциона опрема која, логично, треба да биде инсталирана под соларната подлога, ваквиот спој во моментов го прави неодржлив. Па сепак, постоењето на индукциона технологија за напојување и медиум за пренос на енергијата (панелна подлога) ѝ обезбедуваат на оваа опција долготраен интерес.
Конфигурација на соларни панели
Во „дворот“ на американскиот електроинженер Scott Brusaw неоспорно се наоѓа „топка“ која треба да продолжи да се тркала помеѓу тренинг-чуновите сè до оној финален шут кон мрежата. Преку „живиот ѕид“ од прашањето на сите прашања: дали сето ова може да функционира во реални услови? 47-те илјади „анонимуси“, кои со своите лични донации сакаат да помогнат во официјалното пораѓање на ова технолошко „чедо“, по сè изгледа се убедени дека може. Веројатно слично како и локалната самоуправа на градот Sandpoint, Idaho, која веќе го посакува Brusaw-сонот на своите тротоари и паркиралишта.
„Тоа ќе остави доволно време за согледување на оперативните потешкотии пред да пристапиме кон инсталирање на системот на градските улици и, еден ден како стратешка цел, на автопатиштата“, вели Scott.
Сосема разумно и логично, нели… !