По речиси целодневна расправа во која доминираа меѓусебните обвинувања во неделата вечер пратениците во Собранието ги изгласаа заклучоците за состојбата во поплавените подрачја во скопско по невремето од 6-ти август во кое животите ги загубија најмалку 22 лица.
Со усвоените заклучоци, меѓу другото, Собранието се заложува државните и сите надлежни институции да продолжат да излегуваат во пресрет на жителите од погодените подрачја се до конечно отстранување, санирање и ублажување на последиците од катастрофалната временска непогода. Се бара Владата да го реализира заклучокот за авансно обесштетување на погодените семејства и да продолжи да се ангажира за брза проценка на штетите, а државните институции да преземат законски мерки против оние кои ја злоупотребуваат настанатата состојбата за финансиска полза.
Владата треба да изврши процена и доколку е потребно да пренасочи средства од одредени тековни буџетски ставки во надлежни институции со цел справување со последиците од катастрофалната временска непогода. Министерството за финансии и Владата да подготват, а Собранието да разгледа одлука за прераспределба меѓу буџетските корисници со кои ќе се обезбедат средства за обесштетување на семејствата на загинатите лица, загрозените семејства, како и за санирање на штетите. Средствата кои досега не се преземени за владини проекти да бидат доделени на настраданите, како и одржување надзорна расправа во Собранието за утврдување на одговорноста на надлежните институции.