Насловна / Вести / Собир од огромно значење за развојот на инженерството за брани

Собир од огромно значење за развојот на инженерството за брани

2

Од 13 до 20 јуни 2015 година, во Stavanger, центарот на нафтената индустрија на Норвешка, се одржа 25. Конгрес за големи брани и 83. годишна конференција на ICOLD, (слика1), сајт http://www.icoldnorway2015.org/. На Конгресот имаше околу 1.000 учесници, со голем број реферати публикувани во Зборник.

stavanger forum

Stavanger Forum Rica Hotel, 12-20.6.2015, место на одржување на ICOLD 25-th Congress

Годишната конференција и Конгресот за големи брани, во грандиозниот конференциски центар Stavanger Forum, Rica Hotel, ја отвори Bjоrn Aase Honningsvag (претседател на организациониот одбор и претседател на Норвешкиот комитет за големи брани – NNCOLD), a успешна работа на учесниците им посакаа Adama Nombre (претседател на ICOLD) и Tom Solberg (директор на Меѓународниот центар за хидроенергетика, International Centre for Hydropower – ICH).

Во рамките на манифестацијата се одржаа бројни настани: работилници на 14 технички комитети, состаноци на регионалните комитети, меѓу кои и на Европскиот регионален клуб (Europеan Regional Club) каде припаѓа MACOLD (Македонски комитет за големи брани), состаноци на 25 технички комитети, меѓу кои и на комитетот за сеизмички аспекти при проектирање на брани (каде членува претставник на MACOLD), па форум на младите инженери, генерално собрание и неколку стручни екскурзии. Централни научни настани беа 83-тиот меѓународен симпозиум Хидроенергетика 15, (Hydropower 15) и 25. Конгрес за големи брани.petkovski prezentacija

Работна сесија на 25. Конгрес, Question 98 – Насипни и јаловишни брани, 19.6.2015

На 83. симпозиум беа расправани повеќе теми, меѓу кои: предизвици во градба на браните во исклучителни услови, оптимизација и планирање на акумулациите,  работење и одржување на електро-механичката опрема, иновативни проекти за хидроцентрали и брани во земјите во развој, финансирање на проекти и договорни аспекти, како и соработка на индустријата и науката, управување со ризици во хидроенергетиката – подготвеност за итни случаи и јавна безбедност, предизвици на климатските промени (животна средина, социјалните аспекти, поплави, производство на енергија и безбедност на браните).

На Конгресот за брани беа разгледани четири прашања. Првото, Question 96, беше – Иновации и користење на брани и акумулации, со неколку теми, како што се: иновации во улогата на браните и акумулациите, повеќенаменски акумулации за интегрално управување со водните ресурси, мали брани и ниска земјени брани и развој на професијата „инженерство за брани“ за да се осигури одржливост на знаењето и искуството. Второто беше Question 97Преливници, со темите: неизвесност во проценка на поплавите, уривање на брани или инциденти поврзани со оперирањето на затворачите: причини и настани, контролирани и слободни преливници, или комбинирано преливање и дополнителни објекти за протекување кај постоечките брани и управување со преливањето преку браните. Третото прашање се однесуваше на Question 98Насипни и јаловишни брани, со теми поврзани со високи каменонасипни брани, со внатрешната ерозија, ризиците во основата под браните, проектирањето и однесувањето на спојот меѓу насипите и бетонските конструкции, како и јаловишните брани. Четвртото прашање Question 99 ги третираше – Надградбата и реконструирање на постоечките брани, со темите: надвишување на круната или на оперативно ниво, демонтирање, надградба на системот за техничко набљудување и нова инструментација.sala generalno sobranie

Генерално собрание (General Assembly) на ICOLD, 15.6.2015

На Конгресот беше презентиран и реферат од член на MACOLD, што е првпат по подолг период на одржување на конгресите на ICOLD. Станува збор за рефератот „Создавање на јаловишен простор со фазна изградба на каменонасипна брана“, подготвен од авторите Љупчо Петковски и Стевчо Митовски. Презентацијата на рефератот, како уникатна можност пред ценетиот аудиториум да се афирмира македонското градителство на брани, беше искористена да се даде концизен преглед на браните што се изградени во последната деценија во Република Македонија.

Имено, во воведниот дел од презентацијата беа прикажани основните параметри на најзначајните брани неодамна изградени кај нас: Лошана (каменонасипна со геосинтетички екран), Св. Петка (лачна со двојна закривеност), Лисиче (земјена зонирана), Кнежево (каменонасипна со асфалтна дијафрагма) и Козјак (каменоземјена со глинено јадро). Така што, беше подвлечено дека пропорционално на капацитетот на државата, Р. Македонија во сегашноста е исклучително активна во реалното инженерство за брани со градба на различни типови на брани со придружни објекти.

president icold

Обраќање на Anton Schleiss (Антон Шлајс) – новиот претседател на ICOLD, 15.6.2015

Од административниот дел најзначаен настан беше Генералното собрание (General Аssembly), слика 4,. Сите одлуки на собранието беа донесени со тајно гласање на присутните 62 претседатели на националните комитети за брани. За нов претседател со мандат од три години беше избран Anton Schleiss, од Швајцарија. Исто така, беа прифатени кандидатурите за домаќини на наредните три конференции на ICOLD. Тие ќе се одржат во Јоханесбург, Прага и во Виена.

Најзначајните светски настани во индустријата за брани во текот на годината се конгресите (кои се одржуваат на секои три години) и конференциите (годишни) на Меѓународната комисија за големи брани (The International Commission on Large Dams – ICOLD) – најавторитетната институција во инженерството за брани во светот.

Во оваа невладина институција, основана во 1928 година со седиште во Париз, членуваат 97 национални комитети за брани, со повеќе од 10.000 индивидуални членови, меѓу кои и Македонскиот комитет за големи брани (MACOLD). Во моментов, ICOLD има 25 технички комитетeти каде се третираат тековните технички прашања поврзани со развојот и управувањето на водните ресурси, кои досега имаат публикувано 165 билтени, каде се систематизирани основните смерници при истражувањето, проектирањето, градењето и одржувањето на браните со придружните објекти.

Инаку, домаќинот на Конгресот, приморскиот град Ставангер, се одликува со динамичен развој, со популација од 240.000 жители (заедно со помалите околни населби) и со аспирација да стане европска престолнина на енергијата.

На крајот би истакнал дека учеството на делегати од Здружението Македонски комитет за големи брани (ЗМКГБ или MACOLD) на манифестациите во организација на ICOLD е од огромно значење за развојот на инженерството за брани во Република Македонија. Тоа претставува можност да се набават зборниците со рефератите, активно да се учествува во техничките комитети на ICOLD, да се обезбеди континуиран трансфер на знаење од најавторитетното здружение за брани во светот, и да се запознаеме со новините за браните со придружните објекти, што претставува прв услов тие да бидат имплементирани кај нас. Ваквите собири се згодна прилика за неопходни контакти и комуникација со колеги од други научно-истражувачки институции, за договори за проширување на соработката и заедничка организација на меѓународни собири за брани со националните комитети за брани со кои традиционално имаме добри односи и, што е најбитно, за размена на искуства и споредба на резултатите од научно-истражувачките и апликативните активности.

Проф. д-р Љупчо Петковски, Градежен факултет во Скопје

Испрати коментар

Scroll To Top