Насловна / Вести / Со засадување дрвја нема да ги сопреме климатските промени

Со засадување дрвја нема да ги сопреме климатските промени

„Садете дрвја и ќе го спасите светот!”, наслови од овој тип можеме често да видиме во медиумите и идејата е едноставна, дрвјата со процесот на фотосинтеза извлекуваат од атмосферата јаглерод, а враќаат кислород.

Со садење голем број дрвја на во моментов неискористени површини ќе можеме да заробиме големи количини јаглерод и да ги сопреме климатските промени.

Tree planted in sand on beach

Повод за овие текстови е неодамна објавеното истражување на тимот од универзитетот ЕТН од Цирих, кое покажа дека садењето дрвја има потенцијал да ја намали моменталната концентрација на јаглерод диоксид во атмосферата за дури 25 отсто, што би ја вратило состојбата на ниво од почетокот на 20. век.

Звучи супер, нели?

Па и не баш. Нашата клима е мошне сложен систем кој зависи од разни причини и последователни врски, и покрај тоа што едно вакво едноставно и брзо решение делува примамливо, реалноста е сепак малку поинаква. Во текстот објавен од веб-страницата Клима101, оваа тема е подетално обработена и се занимава со недостатоците и потешкотиите на идејата дека засадување на огромен број дрвја може да ги сопре климатските промени.

Еве и зошто!

Не се сите неискористени површини соодветни за садење дрвја.

Во своето истражување, користејќи сателитски слики и податоци за квалитетот на земјиштето, научниците пресметале дека вкупната неискористена површина на Земјата, која би можела да се пошумува, изнесува околу 9 милиони квадратни километри, што е отприлика колку површината на Соединетите Американски Држави. Како одговор на истражувањето на научниците од ЕТН, Стефан Рамсторф, водечки експерт за климатски промени од Универзитетот во Потсдам, наведува дека веројатно постојат добри причини зошто ова земјиште не е пошумено во моментов.

drva1_resize

Мапата на ЕТН на која покажуваат на кои места може да се засадат дрвја

Тој во својот авторски текст за сајтот realclimate.org вели дека голем дел од тие површини претставуваат пасишта, како и дека само гледањето на теренот со сателит не е доволно за да се донесат сигурни заклучоци каде би можеле да бидат засадени нови шуми и тие да успеват и дека вистинската површина која би можеле да ја искористиме за пошумување е секако помала од наведената во истражувањето.

Засадување дрвја во арктичкиот регион би можело да биде контрапродуктивно

Значителен дел од наведеното неискористено земјиште се наоѓа во широките пространства на Алјаска, Сибир и Канада и е прекриено со снег во поголемиот дел од годината. Бидејќи снегот е бел, тоа во голема мера ја рефлектира сончевата светлина и со тоа придонесува за ладење на овие региони, овој феномен е познат под името „албедо ефект“.

Покрај тоа што дрвјата засадени во овие области би апсорбирале голема количина јаглерод диоксид од атмосферата, тоа би предизвикало и една несакана последица: Областа под шумата би била многу потемна од голата земја покриена со снег, така што садењето дрвја би предизвикало почвата да се загрева во поголема мера отколку што е случај сега. Што значи, дека резултатот од новите шуми на Арктикот би бил дополнително зголемување на температурата во овој дел од светот.

drva2_resize

Ова загревање во арктичкиот регион, исто така, би носело со себе и една скриена опасност. Поточно, огромни количини на метан се наоѓаат складирани во пермафростот (трајно замрзнато земјиште и езера на крајниот север) и неговото ослободување во атмосферата заради топење, до кое може да дојде поради садење шуми, всушност би довело до уште поголемо глобално затоплување.

Важно е кои дрвја се засадени

Во голем број држави, иницијативите за пошумување подразбираат засадување на плантажи со брзорастечки насади, кои подоцна можат да се сечат и да се користат во стопанството. Всушност, на хартија делува дека е направено многу за борбата против климатските промени, но во пракса ефектите се всушност многу помали или дури и негативни. Истражувањата покажале дека извлекувањето на јаглерод од атмосферата на овој начин е многу пати помалку, отколку кога станува збор за шуми кои растат природно. Поголеми ефекти можат да се постигнат со зачувување на постојните шуми отколку со засадување голем број насади.

Исто така, на шумите им треба многу време за да пораснат доволно за да можат да ја апсорбираат потребната количина на јаглерод од атмосферата. Кога ќе земеме во предвид дека секоја година се сечат над 75 илјади квадратни километри шума заради различни потреби и дека климатските услови стануваат се понеповолни за растење на нови, јасно е дека целиот процес е многу покомплициран од едноставно засадување 500 милијарди нови стебла.

Вистинското количество јаглерод кој би се апсорбирал од атмосферата е помало од проценетото

Според проценките од истражувањето, доколку засадиме 500 милијарди дрвја, би успеале од атмосферата да извлечеме дури четвртина гасови со ефект на стаклена градина (GHG). До овој резултат истражувачите дошле со просто одземање на потенцијалните способности на апсорпција на шумите од моменталната концентрација на GHG во атмосферата. Сепак во природата работите не функционираат баш така.

На концентрацијата на GHG во атмосферата пресудно влијание има процесот на кружење на јаглеродот во природата кој ја поврзува атмосферата, биосферата и океаните. Едноставно кажано не е можно само да се намали количеството на јаглерод диоксид во атмосферата, а океаните и биосферата на тоа да не реагираат. Така може да се дојде до ситуација, океаните поради намалување на концентрацијата на GHG во атмосферата, да вратат еден дел кој е во нив апсорбиран, и поради тоа конечниот нето резултат од засадувањето на овие дрвја би бил понизок од проценетиот.

drva3_resize

Заклучок

Пошумувањето секако дека не е лоша работа и ќе биде неопходно за да се сопрат климатските промени, на кои сме сведоци во моментов. Она што претставува проблем со ваков вид иницијативи е што се нуди едноставно решение кое во праксата не е можно да се спроведе. Тоа доведува до одвлекување на вниманието на јавноста и носителите на одлуки од вистинските „лекови“ за проблемот климатски промени, како што се промена на изворите од кои добиваме енергија, зголемување на енергетската ефикасност и во крајна линија промена на нашите животни навики.

Со ветување на магично стапче, кое некогаш во иднината ќе ги реши сите наши проблеми, ја намалуваме мотивацијата во конкретни промени да се тгне веднаш, а тоа е неопходно доколку сакаме да ги испочитуваме договорите од Париз 2015. И задржиме загревањето под границата од 2 °C.

Извор: Оriginalmagazin

Испрати коментар

Scroll To Top