Белгиската компанија за производство на автобуси „Ван Хол“ најави проширување на производствената линија и пласман и на американскиот и на европскиот пазар, како и зголемување на бројот на вработени од сегашните 430 на 600.
Премиерот Никола Груевски на официјалното отпочнување со работа на вториот капацитет на „Ван Хол“, изјави дека оваа инвестиција е од огромно значење за Република Македонија.
„Фабриката претставува инвестиција од 25 милиони евра и моментно вработува 430 наши сограѓани, која бројка се очекува во наредниот период да достигне 600. Фабриката веќе работи активно, а околу сто автобуси произведени во неа се извезени во САД. Произведени се вкупно 140 автобуси, а во фаза на производство се 70, што значи дека веќе се работи на производство на 210 автобуси во Македонија“, рече Груевски.
Директорот на компанијата Филип ван Хол, истакна дека во вториот квартал од годината ќе почнат да се произведуваат нови производи, овој пат наменети за европскиот пазар, за разлика од досегашните, кои се извезуваа во Америка.
Новиот капацитет на „Ван Хол“ се простира на површина од 37.000 метри квадратни и претставува втора најголема фабрика во Македонија.
Според Груевски, со оваа инвестиција се враќа традицијата на автобуската индустрија во државава, се отвораат нови работни места и се испраќаат позитивни пораки до другите инвеститори за бизнис климата.