Насловна / Вести / Со тактички урбанизам до повеќе јавни простори во време на пандемија

Со тактички урбанизам до повеќе јавни простори во време на пандемија

Пандемијата на коронавирусот влијаеше на многу аспекти од секојдневниот живот, вклучително и на употребата на јавни простори. Ова ги натера градовите брзо да интервенираат преку урбанистички дизајн.

Статистичките податоци и различните студии спроведени од почетокот на пандемијата покажаа дека користењето на јавни простори е една од доминантните активности, како и дека луѓето поминувале повеќе време во рекреација и релаксација на отворено отколку во „нормални“ услови. Растот на градовите и урбанизацијата доведоа до фактот дека има сè помалку природни отворени простори, па затоа беше потребно да се најде начин да се зголеми бројот на јавни површини во градовите, барем привремено.

6

Меѓународната анкета која ја има спроведено фирмата „Gehl Architects“ покажа дека во споредба со претходните години, луѓето поминувале над 40 отсто повеќе време на отворено и дека 65 отсто од луѓето го поминувале слободното време на отворено за време на пандемија, најчесто на јавни места во непосредна близина од нивното соседство, од кои 72 отсто со цел за релаксација.

Врз основа на глобално утврдени епидемиолошки мерки, уредени се упатствата за дизајнирање  урбани простори, така што се одржува безбедно физичко растојание и има најмалку визуелна интеракција меѓу луѓето. Потребата да се реагира брзо на потребата на луѓето за јавни простори резултираше со голем број интересни решенија кои скоро веднаш го подобрија квалитетот на парковите, плоштадите, платоата и улиците.

2

ТАКТИЧКИ УРБАНИЗАМ

Тактичкиот урбанизам е пристап кон урбанистички дизајн на јавни површини преку систем на привремени инсталации и интервенции кои влијаат на промена или воведување нови активности на улиците и плоштадите. Пред пандемијата, ваквите интервенции беа користени за разубавување на маалските простори, игралишта, за разграничување велосипедски патеки на улиците каде што недостасуваа или како средство за активистичко дејствување. Токму привремениот карактер на тактичкиот урбанизам овозможува проверка на дизајнот преку урбан експеримент, кој е лесен за промена, дополнување или усвојување како траен.

Примената на тактичкиот урбанизам за време на пандемијата на коронавирусот почна суптилно, со едноставно обележување на безбедно растојание меѓу луѓето на автобуските постојки, постојните клупи и игралишта, како и пред јавните објекти. Сепак, ваквите интервенции може да упатуваат и на отуѓување од други луѓе, поради што новата тенденција на урбано дејствување беше да се создаде заедничко просторно искуство преку индивидуално користење на просторот.

3

НОВ ДИЗАЈН НА УЛИЦИТЕ

Истражувањата покажаа дека во градовите со позагаден воздух, ширењето на коронавирусот и други респираторни инфекции е побрзо, така што најбрзото решение за овој проблем и честиот метод на тактички урбанизам е затворање на патиштата и нивна привремена трансформација во пешачки зони. Како глобален проблем на урбаните области, беше препознаена недоволна ширина на тротоарите за движење и одржување на растојанието, поради што беше потребно да се прошират активностите од тротоарите до целата улична зона.

Во моментов има неколку натпревари за урбан дизајн на улица на глобално ниво, од кои повеќето се занимаваат со создавање мултифункционални простори што ги прават градските улици поудобни, поради што веројатно ќе останат како постојан дизајн дури и по пандемијата.

1

НОВА УРБАНА ОПРЕМА ВО ПАРКОВИТЕ

Со цел да се одржи социјалната интеракција на јавните простори за време на пандемијата, архитектите пронајдоа брзи решенија што овозможуваат собирање на корисниците на плоштадите, така што одредени активности се одвиваат на сличен начин како и пред пандемијата. За да биде тоа можно, беше потребно привремено да се замени вообичаената опрема што е прилагодена на групирање луѓе, во опрема што е прилагодена на една личност или помала група и овозможува одржување на физичката оддалеченост.

Ваквите интервенции се можеби еден од подобрите индикатори за тоа како епидемиолошките мерки и потребата за социјализација може да се постигнат истовремено. Проектот од Брно, дизајниран од Hua Hua Architects, може да се користи како одличен пример од пракса што ги реализира сите квалитети на јавниот простор, дури и го надополнува неговиот визуелен идентитет, во времето на „нова нормалност“.

Позиционирањето на групите за седење околу плоштадот ви овозможува да го поминувате времето на отворено во непосредна близина на другите луѓе, додека нацртаните кругови означуваат „безбедна зона“ во која е можно да се остане без маска за лице. Овој принцип е развиен како модуларна структура што може да се примени во урбанистички дизајн, угостителски и туристички области.

Поради потребата луѓето да останат на јавни простори без оглед на пандемијата, бирото Architecture for Humans ги дизајнирале клупите за едно лице, кои се распоредени на растојание од два метри во ортогонален систем. Планирано е да бидат поставени на платоа и плоштади во близина на ресторани за брза храна. Индивидуалните клупи се дизајнирани така што тие можат да се инсталираат во повеќето системи за поплочување кои ги има во светот, што ги прави погодни за примена на глобално ниво.

5

КОРИСТЕЊЕ НА ЗЕЛЕНИТЕ ПОВРШИНИ

Пролетниот и летниот период на пандемијата го отвори прашањето за безбедно користење на парковите, особено на оние што традиционално се користат за излети. Некои од светски познатите урбани предели добија додаток во форма на обележани области за релаксација.

Домино паркот во Њујорк ги поздрави посетителите со нов дизајн по отворањето на јавните површини за посетителите во јуни 2020 година. Бирото James Corner Field Operations смисли привремена интервенција на брегот на Бруклин што вклучува мрежа од 30 кругови со дијаметар од 2,5 метри распоредени на зелена површина.

Затворањата и ограничувањата на капацитетите на угостителските и трговските објекти влијаеа на нивниот бизнис, па затоа беше потребно да се изнајдат методи што ќе овозможат трговија и интеракција во согласност со епидемиолошките мерки. И покрај постојаниот развој на трговски центри и други трговски објекти, решението што е најчесто во спроведувањето на тактичкиот урбанизам е претставено со единици на отворено кои се многу поблиску во форма до пазарите.

Самите пазари се реорганизираат така што е утврдено растојание од два метри меѓу тезгите, што, во случај кога ќе бидат поставени на патиштата, ја менува динамиката на употреба на улицата, како и нејзиниот изглед. Во случај таквата просторна интервенција да се одржи трајно, постои можност за формирање нов маалски центар, што влијае на зајакнување на социјалната заедница.

Повеќето решенија што веќе се имплементирани во светот можат да послужат како збир на практични примери кои можат да бидат локализирани со мали промени насекаде во светот. Тактичкиот урбанизам овозможува таквите интервенции да се реализираат брзо, со можни промени во согласност со локацијата, што може да ги „хуманизира“ населените места и јавните простори за време на пандемијата, но и после неа.

 

Испрати коментар

Scroll To Top