Жителите од улица „Букурешка“ во скопско Тафталиџе повторно порачаа дека се спремни и со жив штит да го бранат зеленилото.
Но, тие се надеваат дека општината ќе им даде шанса за дијалог, па најавуваат дека ќе бараат од Советот да овозможи месен референдум со цел да се докаже дека граѓаните тука не сакаат уште една зграда.
Тие деновиве организираа и целодневна дружба со пикник и музика во паркчето, покажувајќи дека ова парче зеленило им е неопходно.
Освен пикникот, граѓаните имаат организирано и ноќни стражи за одбрана на паркот од изградбата на петкатницата.
Велат дека организирани се 24/7 и имаат мрежа за известување ако некој повторно проба да го руши паркот.
Жителите минатата недела по петти пат застанаа во одбрана на паркот и ги избркаа багерите и работницит кои беа дојдени да ги постават темелите на новата станбена зграда.