Движењето „Петоци за иднината“ денес одржаа протест пред републичкото Собрание, а поддржувачите бараат да се изгласа закон за забрана на увоз на опасен отпад пред распуштање на парламентарниот состав.
Поддржувачите на „Петоци на иднината“ со транспаренти „Кај има чад има и диви депонии“, „Дрисла гори, баба се чешла“, „Не беше Ленка родена за тие пусти ПМ честички“, Сакаме чист воздух“, „Една планета, една шанса, акција сега“ два часа велеа дека сакаат да извршат притисок врз Собранието да се изгласа законот. Порачуваат, како што велат, дека нема да бидат тивки се додека не се реши ситуацијата со отпадот, и потенцираат дека се потребни конкретни активности за значително намалување на аерозагадувањето.
“Бараме мораториум на увозот на отпад додека државата не оспособи лаборатории кои ќе ги испитуваат евентуалните отрови што ги содржи увезеното ѓубре. Притоа ги повикуваме пратениците да ги изгласаат предложените законски измени за увозот на отпад пред Собранието да биде распуштено“, се вели во соопштението на „Петоци за иднината на Македонија“.
Дел од учесниците на протестот наведоа дека загадувањето се зголемува со употреба на горива кои се обработуваат од рециклирање на увезен отпад.
Тие доставија барање за средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со цел да добијат објаснување зошто донесувањето на овој закон постојано се одложува.
Претходно денес координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески најави дека ќе го поддржат Предлог-законот за управување со отпад, со кој се предлага забрана на увоз на отпад кој се користи како извор на енергија, а кое е влезено во собраниска процедура, и е поднесено од нивниот коалициски партнер ДОМ.
Законското решение веќе е на собраниска седница и требаше да биде изгласано, но точката на дневен ред беше прескокната со образложение дека треба да се направат дополнителни консултации.
И токму денес кога поддржувачите на „Петоци за иднината“ протестираа пред Собрание барајќи изгласување на закон за забрана на увоз на опасен отпад, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и директорот на Царинската управа Ѓоко Танасовски неколку часа претходно одржаа прес конференција за координираните активности, соработката на институциите за справување со отпадот и за конкретно преземените мерки.
Нуредини истакна дека Министерството за животна средина и просторно планирање во изминатите две недели ги има приоретизирано активностите во областа на управувањето со отпадот, како една од надлежностите на институцијата, и презело дополнителни активности во обезбедување на проверка на состојбите и подобрување на контролата.
“Што се однесува до увозот на опасен отпад, Министерството има единствено издадено дозволи за увоз на опасен отпад од типот “оловни акумулатори“ во количина од 12,500.00 тони, за правни субјекти кои поседуваат дозвола за третман и преработка на истите. Тие потоа се реупотребуваат, препродаваат или извезуваат како производи во и надвор од земјата. Само една инсталација во државата поседува дозвола за увоз на алтернативно гориво РДФ во количина до 25 илјади тони годишно. Најголемата количина на увезен отпад во нашата земја претставува отпадно железо и челик, кои се класифицирани како неопасен отпад, но инсталациите ги користат како суровина, од која по преработката се добива производ што се пласира на пазарот“, рече Нуредини.
Тој напомена дека согласно постојниот закон, во земјата е дозволен единствено увозот на отпад што може безбедно да се преработи, без опасност од загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето, безбедно да се користи како суровина или како извор на енергија. Увоз на отпад заради складирање и депонирање не е дозволен во нашата земја, и јас како Министер нема да дозволам нашата држава да стане депонија за отпадот од другите земји, нагласи Нуредини.
ФОТО: КИРО ПОПОВ