Организаторите на тенискиот грен слем „Ролан Гарос“ во Париз, за овогодишното издание на турнирот нудат заштита на сите тенисери од малтретирање на социјалните мрежи. Во првата иницијатива од овој вид, Тенискиот сојуз на Франција ја користи вештачката интелигенција, која ги филтрира навредливите коментари на социјалните мрежи, и притоа е создадена апликацијата Bodyguard.
Имено, досега тенисерите истакнувале дека после своите порази добивале ужасни пораки, најчесто од оние кои изгубиле пари обложувајќи се на нивните мечеви. „Менталното здравје на тенисерите е приоритет за Ролан Гарос. Нема да прифатиме било каков облик на насилство на нашиот турнир. Многу сме горди што ќе бидеме првиот грен слем турнир кој ќе им понуди на играчите решение за ефикасна заштита од малтретирање на интернет“, рекла директорката на Тенискиот сојуз на Франција, Каролин Флезие.
Вториот грен слем турнир во сезоната веќе започна со квалификациските натпревари, а мечевите од главниот жреб започнуваат на 28-ми мај, додека финалето ќе биде на 11-ти јуни.