Насловна / Вести / Со подршка на ЕУ ќе се подобри управувањето со отпад во источниот и североисточниот регион

Со подршка на ЕУ ќе се подобри управувањето со отпад во источниот и североисточниот регион

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули се обрати на завршниот настан на проектот финансиран од Европската Унија „Подготовка на проектните студии (FSs, EIAs, CBAs), изведбен проект и тендерска документација за воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Источен и Североисточен регион“, кој се спроведува во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.3

Заменикот Макрадули во своето поздравно обраќање нагласи дека со правилно одлагање на отпадот како во земјите од ЕУ, ќе се генерираат зелени работни места и ќе се рециклираат и реупотребат веќе искористените добра а воедно ќе се добие и можност за производство на енергија од одложениот отпад.

Главната цел на проектот е да се создадат предуслови за  инвестиција поддржана од ЕУ во локалната и регионалната инфраструктура, неопходна за управување со отпадот на начин кој е еколошки и компатибилен со современиот начин за одлагање на отпадот во ЕУ.

Во времетраењето на проектот од 18 месеци, се подготвија серија студии и технички документи за меѓурегионален систем за управување со отпад, вклучувајќи и физибилити студија со анализа на трошоци и придобивки, студија за оцена на влијанието врз животната средина и главните изведбени проекти со тендерска документација.

Европската унија обезбеди 975.000 евра за техничка поддршка за воспоставувањето на интегриран и самоодржлив систем за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион.

За новиот систем, за 18 општини од источниот и североисточниот регион е предвидена инвестиција од 27 милиони евра која ќе ги подобри и модернизира услугите за управување со отпад на  370.900 жители.

Проектот се спроведе од конзорциумот на компании EPTISA Servicios de Ingenieria S.L. (Шпанија) и ЕПЕМ С.А. (Грција), како и меѓуопштинските одбори за управување со отпад и општините од двата региона.

На настанот, официјално обраќање имаше и амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Н. Е. Самуел Жбогар.

Испрати коментар

Scroll To Top