Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје по петти пат распиша меѓународен оглас за набавка и монтирање систем за автоматска локација на автобусите и на електронски систем за наплата на билетите во возилата. Со овие два система дополнително ќе се модернизира јавниот превоз.
Со автоматската локација, патниците на автобуските стојалишта на електронски табли ќе добиваат информации за колку време ќе стаса автобусот што го чекаат. Возилата ќе бидат следени преку сателит и информациите ќе се проследуваат во реално време.
Со системот за електронска наплата, односно со воведувањето таканаречени умни билети, ќе се избегнат билетите од хартија и ќе се скрати времето на влегување на патниците во возилата. Граѓаните што го користат јавниот превоз ќе си купат електронски припејд- картички, кои ќе ги дополнуваат со толку пари колку што сакаат, а при влегувањето во автобус ќе ја приближат картичката до читач, кој од неа ќе им одземе сума колку што чини возењето.
Досега, пропаднаа четири тендери со кои ЈСП планираше да ги воведе современите системи.
Според проектот, освен на трите автомати, електронските билети ќе се продаваат и на 58 продажбени места и билетарници. Се планира да бидат набавени 200.000 електронски картички (билети), како и 50 уреди за контрола.
Заинтересираните компании своите понуди треба да ги достават најдоцна до 16 јуни во 11 часот, во дирекцијата на ЈСП, кога ќе се спроведе јавното отворање на понудите. Проценетата првична вредност на овој проект, според тендерската документација, е 120 милиони денари, односно околу два милиона евра.
За системот за автоматска локација, избраната фирма ќе има задача да постави 40 информативни дисплеи на автобуските постојки, преку кои патниците ќе добиваат информации за пристигнувањето на автобусите. Во сите автобуси ќе треба да постави ГПС-уреди за сателитско следење на возилата и да опреми диспечерски центар за нивно следење, кој ќе биде сместен во рамките на Студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“.