Комбинираното училиште, Француски лицеј, во реонот Дубендорф во Цирих е прогласено за најдобар објект во Швајцарија за 2017 година. Одлуката, традиционално, беше објавена на 1 февруари. Во конкуренција за избор на најдобар објект за 2017 годината имаше 50 објекти, кои се прогласени за најдобри објекти на неделата во изминатата 2017 година. Гласањето и оценувањето се одвиваше во месец јануари.
Во краткото соопштение при објавувањето на најдобриот објект за 2017 година во Швајцарија, е напоменато дека освен многуте архитектонски, функционални и естетски квалитети кои ги има објектот важно е да се напомене дека проектантите успеале со ограничен буџет да испроектираат и реализираат училиште со многу разновидна и богата проектна програма.Училиштето, исто така, е сертифицирано согласно швајцарските стандарди, со највисокиот стандард на Минерџи – Екоодржливост.
Проектант на објектот е Михел Губели, дипл. арх. ЕТХ – Цирих (Michel Gubeli Dipl. Arch. ETH) од компанијата Zuest Gubeli Gambetti.
Програмските барања за училиштето се многу комплексни и разновидни. Ова училиште е со капацитет за 1.000 ученици на возраст од 3 до 18 години и содржи просторни групации за градинка, основно училиште, средно училиште – гимназија, простории за исхрана (трпезарија и кујна), спортска сала, двобродна, со две игралишта, заеднички хол – повеќенаменски и отворени површини – внатрешен двор за спорт, рекреација и престој на отворено. При составување на програмските барања и целосната реализацијата на објектот вклучени биле: управата на училиштето, наставниците, учениците и родителскиот совет, а секако програмските барања се усогласени со програмите и стандардите на државните училишта во Швајцарија.
Ова училиште е приватно. Како резултат на партиципативниот однос на сите учесници во реализација на овој објект (проектанти и изведувачи) и идните корисници, резултатот е видлив и може лесно да се валоризира, но секако треба да се напомене дека најзадоволни од реализацијата на овој објект се наставниците, учениците и управата на училиштето односно корисниците за кои е и изграден објектот.
Училиштето е со нето-површина П=15.700,00 м2. Проектирано е од 2012 до 2015 година. Изградбата е завршена во јуни 2016 година, а пуштено е во употреба на 25 ноември 2016 година.
Локацијата на училиштето се наоѓа на аголот на две сообраќајници, а другите две страни се граничат со две секундарни станбени сообраќајници и парковско зеленило. Многу одамна на локацијата постоел манастирски комплекс.
Идејата на Михаел Губели за концептот на овој објект е инспирирана од неколку идеи водилики.
-Прво, секогаш треба да се најде мерка што е соодветна за возраста на идните корисници и да се обезбеди доволно простор за движење.
-Второ, со помалку пари треба да се изградат повеќе училишта.
-Трето, меморијата на манастирскоит комплекс се поврзува со функционирањето на манастирот и училиштето, во еден затворен и ограничен простор треба да се одвива целокупниот училишен живот, исто како и во манастирите.
Самата форма на училиштето потсетува на манастирскиот комплекс со внатрешно затворено двориште.
Објектот е проектиран во форма на буквата „П“ со три блока со различна висина. Кон улицата се ориентирани повисоките два блока, а кон парковското зеленило најнискиот блок. Во средишниот централен дел на локацијата е проектиран внатрешен отворен двор, кој е организиран со спортски терени и простор за престој на отворено, ориентиран со едната отворена страна кон паркот. Средишниот двор ги поврзува сите три блока и е најбрза внатрешна комуникација меѓу нив. Во целиот објект има и многу слободни простори, тремови во приземјето и отворени тераси на катовите.
Градинката е сместена во најнискот блок П+1 и има посебен влез од сервисната улица преку трем. Градинката ги содржи сите простории од програмските барања и има посебен дел за игра на децата од претшколска возраст на отворено во средишниот двор, а исто така и простран трем ориентиран кон средишниот двор за игра на деца на отворено кога временските услови тоа го дозволуваат.
Главниот влез во училиштето е од едната сообраќајница преку простран трем, кој се протега по целата должина на овој блок. Во приземјето на училиштето, освен градинката сместени се просториите за исхрана, кујна и трпезарија, канцелариите за управата на училиштето и заеднички хол, повеќенаменски, кој се користи и за одбележување на разни настани во училиштето. Училниците се сместени на погорните катови од првиот до петтиот. Спортската сала е со три катни висини П+2 и има големина во која може да се организираат две спортски игралишта. Освен внатрешните комуникации со училишните простории, спортската сала има и посебен влез од едната сообраќајница, така што може да ја користат и локалните спортски клубови.
Резултатот од ваквиот концепт на училиштето со три блока со различни висини соединети во форма на буквата „П“ дава можност целокупниот училишен живот, од најмала возраст до полнолетство да се одвива внатре, во еден посебен мал свет. Задоволни се и учениците и родителите, наставниците и управата на училиштето.
Секако задоволен е и проектантот со целиот негов тим од успешно завршениот проект, односно објект.
Архитектот Михел Губели е роден во 1972 година.
Од 1993 до 2000 година студира архитектура на Универзитетот ЕТХ Цирих, Швајцарија и Универзитетот Харвард , Кембриџ, САД.
Во 2000 година дипломира на ЕТХ Цирих кај проф. Флора Рухат Ранцати.
Од 2000 до 2010 година работи во повеќе проектански бироа во Швајцарија.
Во 2010 година ја основа фирмата Zuest Gubeli Gambetti, која се занимава со архитектура и урбанистичко планирање. Има проектирано и реализирано повеќе објекти од областа на домување, јавни и индустриски објекти, како и урбанистички проекти за делови од населби или цели населби и урбанизација на повеќе улици – сообраќајници. Денес неговата компанија брои 50 вработени од кои поголемиот дел се архитекти.
Автор: Натка ЌОСЕВА, дипл.инж.арх.